Објавен е третиот број на културниот двомесечник „Скопје култ“

Објавен е третиот број на градскиот културен двомесечник – водич „Скопје култ“ што носи преглед на културните настани во градот предвидени за претстојните два месеца, август и септмеври, како и авторски статии и интервјуа, информираат од Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје.

„Во новиот ‘Скопје култ’ ќе читате за една од најголемите манифестации на Културно-информативниот центар – Скопје, „Звуците на чаршијата“, која ќе се одржи кон средината на септември 16-17 на неколку локации низ чаршијата. Фокусот ќе биде музиката, но на овој фестивал ќе се претстават и други културни содржини, уметности, креативни индустрии“, стои во описот за третиот број.

Магазин-водичот овој пат ќе претстави и интервју со македонската пеачка Дина Јашари, како и со српската евровизиска претставничка Констракта чиј концерт е најавен во септември.

„Детскиот културен центар ‘Карпош’ го избра најдобариот роман за тинејџери за годинава, ‘Улица Изгрејсонце’, а неговата промоција е закажана за сепетември. Во МКЦ се случува омилениот фестивал ‘Здраво млади“, а дури два филмски фестивали се во тек, за таа цел „Скопје култ“ разговараше со Петрула Велјановска, дел од програмскиот тим на ‘Македокс’, како и со Жарко Иванов, иницијаторот на фестивалот на анимирани филмови ‘Флип бук фестивал’“, се вели во најавата од КИЦ.

Електронската верзија на двомесечникот е достапна тука.

Културно информативниот центар го најави враќањето на информативниот карактер на установата со издавање на првиот број на „Скопје култ“ што има за цел, како што велат, да го разбуди интересот за културата и уметноста и да привлече поголема посета на претстојните културните настани, манифестации и фестивали.