[Фото] „Dancers united“ повторно станаа европски прваци во танц во Варшава

Скопското танцово и фитнес студио „Dancers united“ во рамките на Европското првенство одржано во  Варшава, на 29 и 30 април, со инклузивната танцова точка на лица со типичен и оние со атипичен развој, успеа да  ја одбрани титулата светски прваци и да се закити со уште еден златен медал од Светскиот куп.

„Во Варшава повторно се вееја македонските знамиња и се пееше македонската химна. И овој пат овие наши културни амбасадори заблескаа во сиот свој сјај. На радоста и на  емоциите им немаше крај“, соопштуваат од студиото.

Танчерите на „Dancers united“ со типичен развој, покрај со овваа одбранета титула и освоен златен медал од Светскиот куп,  од Европското првенство во Варшава си заминаа со уште неколку шампионски титули на Европско ниво и тоа: златен медал во категорија младинци група латино поу, сребрени медали во категории деца и јуниори мала група латино шоу, шампионска титула за најмладиот танчер на студиото Емили Нера Кочан во категорија мини кидс латино шоу, сребрени и бронзени медали во категорија латино танци соло девојки и парови младинци.

„Воедно на Европското првенство во Варшава 2022 како официјални судии на натпреварот нашата држава ја претставуваа Сара Кочан и Нермин Кочан, сопственици на ‘Dancers United’“, велат од студиото.

Инаку, „Dancers united“ е клуб кој повеќе години наназад продуцира врвни танчери и танчерки, кои освојуваат медали на домашни и меѓународни натпревари, во разни категори на танци на европско и на светско ниво.

Уште позначајно за ова студио, со кое тоа се одвојува од останатите, е тоа што во својата програма од далечната 2013 година опфаќа и лица со Даунов синдром и други попречености.

„На ваков начин студиото на овие лица им овозможува да  изградат успешни приказни во светот на танцот и со сопствен настап или инклузивно со останатите танчери со типичен развој, да освојуваат медали на домашните, европските и светски шампионати“, соопштува „Dancers united“.