Француски студенти ги блокираа факултетите незадоволни од кандидатите од претседателските избори

Стотици француски студенти ги блокираа зградите на Универзитетот „Сорбона“ во Париз и други универзитети поради незадоволство од претседателските избори и кандидатите кои влегоа во вториот круг, а полицијата употреби солзавец, пренесува „Н1“.

Во вториот круг за претседателските избори закажани за 24 април влегоа актуелниот претседател Емануел Макрон и кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен, за кои студентите веруваат дека нема да ги заштитат сиромашните или животната средина.

Студентите фрлаа летоци од прозорецот на „Сорбона“ и скандираа „сите сме антифашисти“, а полицијата во еден момент употреби солзавец за да спречи други студенти да им се придружат.

Меѓу демонстрантите има многу кои гласаа за левичарскиот кандидат Жан-Лук Меланшон, кој во првиот круг од изборите имаше еден процент помалку од Ле Пен, но не се квалификуваше во вториот круг.

„Бидејќи младите се загрижени за прашањата поврзани со животната средина, за социјалните прашања, за антирасистичките, феминистички и ЛГБТК прашања, неопходно е да имаат кандидат кој ќе не претставува“, изјави студентот Габриел Вергнес.