Испрскан со боја рускиот новинар Муратов, добитникот на Нобеловата награда за мир

Рускиот добитник на Нобеловата награда, новинарот Димитри Муратов, изјави дека бил нападнат и испрскан со црвена боја додека се возел во воз од Москва кон Самара.

Според Муратов, нападот го извршил маж кој извикал: „Муратов, ова ти е за нашите момци“, пренесе Би-Би-Си.

„Очите страшно ме печат“, рече уредникот на либералниот весник „Нова Газета“.

Купето во кое се возел Муратов по нападот

Весникот беше препознатлив по критиките кон руските власти. Минатиот месец од медиумот соопштија дека престануваат со работа на печатеното и онлајн изданието на весникот до крајот на руската „специјална воена операција“ во Украина, термин кој рускиот медиумски регулатор наредува дека мора да го користат медиумите во земјата за војната во Украина. Секој кој руските активности во Украина ги карактеризира како „војна“ се соочува со високи казни и забрана за работа во Русија.

Сликите од нападот беа објавени на Телеграм каналот „Нова Газета – Европа“, направен од тим новинари од весникот кои работат надвор од Русија и објавуваат текстови на повеќе јазици.

Муратов ја доби Нобеловата награда за мир минатата година поради неговото бранење на слободата на изразување во Русија.

Од почетокот на руската инвазија во Украина, на 24 февруари, рестрикциите на известувањето станаа многу строги и пристапот до скоро сите независни медиуми беше блокиран, ограничен, или пак медиумите се самоцензурираа.

Русија истовремено ги блокираше Фејсбук, Истаграм и Твитер во земјата.

Голем број руски активисти и новинари кои отворено зборуваат против инвазијата на нивната земја во Украина во последниот период се мета на напади од непознати личности.

Три недели претходно, пред станот на долгогодишниот уредник на независното радио „Московско Ехо“, Алексеј Венедиков, непознати сторители оставиле исечена свинска глава со антисемитска навредлива порака, што беше протолкувано како обид за заплашување на сите критичари на руската власт и војната во Украина.