Кина го отвори својот најдолг подводен тунел долг 10 километри

По речиси четири години изградба, најдолгиот подводен тунел во Кина сега е отворен за сообраќај на возила, јавува „Си-Ен-Ен“. Со должина од 10.79 километри, тунелот Таиху се протега под езерото Таиху во источната кинеска провинција Џиангсу, на околу 50 километри источно од Шангај.

Според владини претставници од провинцијата, изградбата на тунелот кој започна на 9 јануари 2018 година, чинела околу 1.56 милијарди долари или 9.9 милијарди јуани.

Над 2 милиони кубни метри бетон се употребени за изградбата на двонасочниот тунел, кој има шест ленти и е широк 17.45 метри, јави новинската агенција „Ксинхуа“. Таванот на тунелот е опремен со шарени ЛЕД светла, дизајнирани да го спречат заморот на возачите.

Тунелот е дел од автопатот Чангжу-Вукси долг 43.9 километри, кој беше отворен на 30 декември, минатата година. Тој обезбедува алтернативен експресен пат за патниците кои патуваат меѓу Шангај и Нанџинг, главниот град на Џиангсу.

Поврзувајќи ги експресните патишта Сужоу, Вукси и Чангжу, автопатот е изграден за да го намали сообраќајниот притисок врз градовите до езерото Таиху, истовремено промовирајќи го економскиот развој на градовите во областа на делтата на реката Јангце.

Инаку, најдолгиот подводен автопат во светот е долг 14.3 километри и се наоѓа во Норвешка, кој ги поврзува градовите Ставангер и општината Странд.