Ново истражување на „Реактор“ за мажите и неплатената грижа

„Мажите и грижата“ беше насловот на денешната панел дискусија организирна од страна на „Реактор – истражување во акција“, а во рамки на дискусијата беше претставено и нивното ново истражување.

За важноста од вклучување на мажите во грижата и родовата еднаквост, европските практики и резултати на оваа тема, напорите кон воведување на политики за унапредување на вклученоста на мажите во грижата и споделено родителско отсуство, како и важноста од родово сензитивно образование и рушење на родовите стереотипи, беа дел од темите за кои се разговарање на дискусијата.

Ели Скамбор, директорката на Институтот за мажи и родови прашања од Грац, Австрија, во своето обраќање нагласи дека мажите треба да можат да се грижат за децата, партнерите, болните и постарите лица, но и за себеси.

„Рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот мора да се постигне со вклучување на мажите во активностите за грижа, со што ќе се унапреди родовата еднаквост и дистрибуцијата на неплатената и платената работа. Мажите имаат бенефит од вклучување во активностите поврзани со грижа, позадоволни се од партнерството, имаат подобра врска со своите деца, а децата учат што значи родова еднаквост во пракса“ истакна Скамбор.

Од „Реактор“ велат дека во просек, македонските жени извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите е околу една четвртина од вкупниот обем на работа.

„За жал, сѐ уште не е препознaена вредноста на неплатениот труд на грижа, но доколку оваа работа од страна на жените во Република Северна Македонија се вреднува дури и со минимална плата, во текот на една година, минималната монетарна вредност би била 1,917,895,508 €, што е 17,18% од бруто домашниот производ (БДП) за 2019 година“, додаваат оттаму.

Новото истражување се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и ги разгледува родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство.

Според Реактор, неопходно е унапредување на политиките за грижа, што подразбира измени во националното законодавство и родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

„Новиот Закон за работните односи треба да вклучува мајчинско, татковско и споделено родителско отсуство, можност за отсуство за грижа и право на флексибилен работен ангажман. Понатаму, јавните и приватните политики треба да промовираат создавање работни средини кои поддржуваат рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот“, велат од „Реактор“.

На панелот дискутираа и Светлана Цветковска, раководителка на Сектор за еднакви можности од Министерството за труд и социјална политика, истражувачот Марк Гартнер од Институтот за мажи и родови прашања од Австрија, кој зборуваше за европскиот проект „Мажите и грижата“ и Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, кој ја нагласи важноста на родово сензитивното образование во рушење на родовите стереотипи и унапредување на родовата еднаквост.