„Ќе ја запреме економијата“ – Најави за штрајк во Италија откако ковид-пропусницата стана задолжителна за сите работници

Илјадници работници во Италија најавија протести и штрајкови откако денеска ковид-пропусницата станува задолжителна за сите работни места во земјата.

Стравувањата се дека може да има проблеми во функционирањето на транспортните работници и вработените на пристаништата, каде нивото на вакцинација е релативно ниско, пренесува Би-Би-Си.

Вработените на пристаништата во Трст, Џенова и други места се заканија дека ќе ја спречат дистрибуцијата на стока. Дополнително има предупредувања и за прекин на јавниот превоз во Милано, како и најави за протести на аеродромите, автопатите и железниците.

„Време е да ја запреме економијата, што очигледно е единствен начин да им покажеме на владата дека многу луѓе се соочуваат со проблем. Многу од нив ќе останат без плати само затоа што се одлучиле да имаат слобода на избор и да не се вакцинираат“, изјавил портпаролот на пристанишните работници, Стефано Пуцер.

И покрај тоа што повеќе од 85% од Италијанците над 12 години имаат примено барем една доза од вакцината против Ковид-19, околу 3 милиони работници во земјата и понатаму се невакцинирани.

Задолжителната ковид-пропусница е една од најстрогите, но и најконтроверзна анти-ковид мерка. Со неа се докажува дали лицето е вакцинирано против Ковид-19, ја има прележано болеста или пак има негативен тест. Таа и претходно беше задолжителна за вработените во образованието, како и за влез во ресторани, кафулиња, кино сали или спортски објекти. Според новите правила, работниците кои немаат ваква пропусница ризикуваат суспензија од работа и казни до 1.500 евра.

Две третини од Италијанците сметаат дека ваквата мерка е неопходна според последните анкети.

Денеска се очекуваат нови протести низ земјата, откако на 9-ти октомври во демонстрациите на крајно десничарското движење „Форца Нуова“ беше демолирана синдикална зграда во Рим при пресметка со полицијата.