Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.Младите склони кон теории на заговор и либерални политики, ама сакаат и лидер со цврста рака

Кај младите расте евроскептицизмот, но оние кои веруваат дека земјата ќе стане членка на Европската Унија, просечно сметаат дека тоа ќе се случи во 2026 година. Само една третина од младите сметаат дека властите се запознаени со потребите и проблемите на младите луѓе, но повеќе од половина од испитаниците, ретко или никогаш не ги следели политичките процеси во земјава.  Најголем дел од испитаната македонска младина сака лидер со цврста рака, но од друга страна се забележува раст на либералните ставови, односно ЛГБТИ лица и жени во политика.

Дури 43 отсто од испитаните млади веруваат дека мала група на моќници ја создале пандемијата за да го контролираат светот. Кога станува збор за теориите на заговор, испитаните млади кои што одговориле дека државата не ја менаџира добро ковид-кризата, се поподложни на теории на заговор.

Ова се само дел од податоците кои се претставени во истражувањето „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработено од страна на Младинскиот образовен форум и Фондацијата за демократија Вестминстер во 2020 година.

2.Наметнатата вакцинација – зачувување на јавното здравје или кршење на човекови права?

Коронавирусот во земјава практично „експлодираше“, а тоа го покажуваат и податоците дека на неделно ниво бројот на нови случаи е искачен за 325%. Ако на средината на јули беа забележани 223 активни случаи, заклучно со вчера бројот изнесува 3.746. Ова ги принуди властите да објават нов сет мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, а јавноста најмногу внимание посвети на воведувањето потврда за најмалку една доза вакцина за влез на настани, во отворени и затворени објекти од понеделник.

Додека едни зборуваат и апелираат на почитување на мерките за Ковид-19, аргументирајќи дека во мерките нема ништо контроверзно, повикувајќи се на уставот каде се посочува дека слободата на движење може да се ограничи поради заштита на здравјето на луѓето. Други се противат на ваквата идеја велејќи дека е дискриминаторска.

3.„Дававме сè од себе“ – Младите од Малешевијата деноноќно помагаат во гаснење на пожарите

Апел за волонтери да се вклучат во гаснење на пожарот кај црквата св. Петка над Пехчево бил поттик за 28-годишниот Борис Качулачки и неговото друштво да се качат во своите возила и да помагаат во малешевско-пијанечкиот крај, каде веќе со денови се активни неколку пожари. Целосната организација ја правеле преку Фејсбук група, која со тек на време брои сè повеќе членови.

Кога со своите возила стигнале под планината Средна, посведочиле хаос. Пожарот веќе се симнувал кон регионалниот пат. Околу овој планински масив се наоѓаат повеќе села како Истевник, Чифлик, Будинарци, Митрашинци, Разловци и Црник. Тоа претставува огромен шумски предел без реки кои проаѓаат низ него, што е дополнителен предизвик.

4.Што порачуваат младите на Денот на младите

Секоја година, на 12 август се одбележува Меѓународниот ден на младите, кој ја препознава улогата на младите луѓе во општеството за подобрување и унапредување на човековите права и слободи. Но колку младите се запознаени со постоењето на овој ден?

За да дознаеме, на неколкумина млади и активни луѓе од неколку градови им поставивме по три прашања: Дали знаете дека 12 август е ден на младите и како ќе го поминете? Која младинска политика најмногу ја поздравувате? Што им треба на младите во земјава?

5.Три девојки ги открија убавините на Требиште, Цер и Вратница

Билјана Иванова, Ива Китевска и Камелија Јаневска се три млади девојки кои истражуваа какви можности нудат руралните средини и колку младите го препознаваат нивниот потенцијал. Во изминатата година тие прошетаа низ Требиште, Цер и Вратница за да видат како може да се искористат овие места. Билјана е од Струмица, Ива и Камелија од Скопје, но заедно се здружија за да патуваат низ руралните предели и да понудат нови можности за младите од овие села.

Па така, научија дека во селото Требиште се „родил“ Hedon Riding, мал рурален бизнис воден од млади ентузијасти кои организираат тури со коњи. Во селото Цер, на пример, младите сами го обновиле младинскиот дом. Затоа веруваат дека треба да се работи со младите како двигатели на промените и во руралните средини.

Бонус:

[Видео] На час: Ден на младите 2021 – посветен на храната и младинската иновативност

Eмисијата „На час“ ја посветивме на Денот на млади кој годинава се одбележува под мототo „Трансформирање на системите за храна: Младинска иновација за човечко и планетарно здравје“.

На оваа тема, за производството на храна, земјоделството и иновативноста на младите, разговараме со професорката Душица Санта од Факултетот за земјоделски науки и храна, Ирина Јаневска од АРНО и Ана Тодоровска од „Добра земја“.