Што порачуваат младите на Денот на младите

Секоја година, на 12 август се одбележува Меѓународниот ден на младите, кој ја препознава улогата на младите луѓе во општеството за подобрување и унапредување на човековите права и слободи. Но колку младите се запознаени со постоењето на овој ден?

За да дознаеме, на неколкумина млади и активни луѓе од неколку градови им поставивме по три прашања: Дали знаете дека 12 август е ден на младите и како ќе го поминете? Која младинска политика најмногу ја поздравувате? Што им треба на младите во земјава?

Андреј Бубевски, 17 години, Берово

Ова се нивните одговори:

– Не знаев дека постои светски ден на младите. Јас сум секој ден со младите активен така што за мене секој исполнето поминат ден ми претставува празник.

– Не сум во тек со младинските политики. Само знам дека од неодамна е изгласан Закон за млади.

– На младите им треба најпрво да бидат поактивни чинители во општеството и да се борат за промени, а мојата порака до инстуциите и политичарите е да креирааат младински центри насекаде во државата бидејќи младите не се само статистичка бројка туку се и реалност!

 

 

Марија Јованова, 18 години, Неготино

– Знам дека 12 август се празнува како Меѓународен ден на младите во светот, секако како и сите други мои врсници и млади се радувам на празнувањето на овој ден. Воедно и испраќам честитки по повод Меѓународниот ден на младите.

-Според мене најдобрата младинска политика е НМСМ – Националниот младински совет на Македонија со што ми овозможи да се приклучам во младинските активности и настани.

– Потребите на младите се различни, како млада личност, според мене мислам дека приклучувањето на младите во носењето сериозни одлуки, прашања и закони ќе го намали иселувањето од нашата држава и ќе помогне во задржувањето на младите во својата татковина.

 

 

 

Благојче Дишоски, 25 години, Штип

– Секако да, знам и дека е усвоен од страна на Обединетите Нации. Годинава, на денот на младите ќе учествувам во сите кампањи и дебати кои се организирани на социјалните мрежи се со цел подигнување на свеста за значењето на младите во нашето општество и охрабрување на младите да се вклучат во донесувањето на младинските политики и да се борат за својот глас.

– Сите младински политики на локално ниво кои претставуваат клучна алатка за подобрување на животот на младите во областите кои ја сочинуваат младинската политика, како што се: образованието, самовработувањето или поддршка до вработување, културата, информирањето, здравството и превенцијата и слично. Посебно ми се допаѓаат политиките и оперативниот план за млади на Министерството за труд и социјална работа, кои ги вклучуваат младите во областите на работните односи, унапредувањето на родовата еднаквост, вработувањето, материјалното обезбедување на привремено невработените, заштитата на децата и на малолетните лица и заштитата на жените.

– Политичарите и институциите да издвојуваат повеќе буџетски средства за подобрување на младинскиот статус во земјава. Треба да бидат отворени за прифаќање на иницијативи поттикнати од млади, за вклучавање на младите при креирањето на политиките за млади, како и повеќе мерки за активно вклучување на младите во пазарот на трудот и другите области. Можеби и секој 12 август во владата треба да има „Отворен ден на млади“, на кој ќе се слушне гласот и потребите на младите.

 

Елена Божиновска, 20 години, Скопје

– Секако! Денес е еден од најважните денови за сите млади луѓе. Јас ќе бидам со работни обврски во практиканската фирма, но се надевам дека после тоа ќе имам можност да се приклучам на некој од настаните организирани од нашите младински организации.

-Особено ја поздравувам последната младинска политика за субвенциониран студентски оброк, а воедно и последните активности на MladiHub и АВРМ, што овозможија практиканство за многу млади. Се надевам, ваквите и многу нови ќе прераснат во секојдневие и ќе биде овозможен подобар живот за сите млади тука.

– Како претставничка на One Can – Youth, би препорачала дека ни е потребен ресурсен центар за сите самохрани мајки и еднородителски семејства, алиментациски фонд и секако повеќе закони кои покриваат ваков тип на семејства и нивните деца.

 

Ѕвезда Иванова, 22 години, Струмица

– Да. Со цел да го обележиме Меѓународниот ден на младите поканета сум на промотивен настан во рамките на проектот на Млади Хаб – градење на вештини за вработување, компентенции и можности за вмрежување за млади спроведено од НМСМ, во кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија. Верувам дека на овој настан ќе имам можност да се запознам со компаниите како и за нивната работа.
– Секоја од индикаторите за младинска политика имаат посебно место во општеството, но доколку треба да издвојам тоа би било неформалното образование. Затоа што надвор од формалното образование на младите им претставува процес на учење од неформално образование, вклучувајќи ги во различни младински инцијативи и им даваат подршка.

 

Ангела Кочоска, 19 години, Прилеп

– Да, знам. Ќе го одбележам преку спроведување на активности, се со цел по успешно одбележување.

– Секоја младинска политика има своја цел. Во овој момент ја поздравувам политиката за Неформално образование. Вклучувањето на младите во процесот на неформално образование ќе придонесе за проширување на видиците, знаењата, начините на размислување итн.

– Сметам дека директното активирањето и вклучување на младите во донесувањето на одлуки и процеси од различен карактер е клучно. Слободата на изразување и дејствување треба да им се додели на младите, се со цел подобра имплементација.

Станиша Станковиќ