Европскиот парламент бара казна за Унгарија поради загрозување на ЛГБТ правата

Европскиот парламент (ЕП) вчера со големо мнозинство усвои Резолуција со која остро се осудува унгарскиот Закон за забрана за пропагирање на ЛГБТ заедница меѓу малолетниците, а од Европската комисија (ЕК) и Европскиот совет (ЕС) бара „веднаш да започнат правни постапки“, вклучително и кратење на европските фондови за Будимпешта.

Во Резолуцијата за која гласаа 459 пратеници, а 147 беа против, се наведува дека законот „јасно го крши“ законодавството на ЕУ и пошироко сфатено води до „постепено укинување на основните права во Унгарија“.

Доколку Унгарија започне да го применува законот, ЕУ треба да и ги откаже средствата наменети од Фондот за опоравување од пандемијата, се вели во документот.

Тоа би било нова основа за кратење на парите за Унгарија, затоа што ЕК веќе соопшти дека засега, привремено ќе го повлече одобрението за планот на Будимпешта да повлече 2.7 милијарди евра од Фондот, а причината е несоодветно спречување на корупцијата.

Резолуцијата усвоена од ЕП не е обврзувачка и има за цел да изврши дополнителен притисок врз ЕК и ЕС да одговорат со правни средства на законот кој беше едногласно осуден од меѓународната заедница.