Поддршка од НАкС за студентските барања за транспарентен избор на претставник во Советот за високо образование

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека ги поддржува напорите на Универзитетското студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ за обезбедување законски, објективен и транспарентен процес на избор на студентски претставник во Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност од страна на Интеруниверзитетската конференција.

„Според информациите изнесени во јавноста од страна на претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” (УСС УКИМ), Борјан Ефтимов, сметаме дека постапката при изборот на студентскиот претставник во ова тело, кое е клучно за регулирање на работењето и квалитетот на високото образование и за правата на судентите, е само уште еден „логичен“ и очекуван чин во континуираното изигрување на Законот за високо образование (ЗВО) од страна на претседателот на Интеруниверзитетската конференција ‒ ректорот на УКИМ и неговите соработници“, велат од синдикатот.

Потсетуваат дека НАкС во изминатите две години неколку пати реагираше до тогашниот министер за образование и наука Арбер Адеми, до надлежните институции и до јавноста за итно преиспитување на конституирањето на Интеруниверзитетската конференција и ништовност на нејзините акти, но и за изигрување на постапката за избор на членови на Националниот совет од редот на професорите. Укажувањата на НАкС наидоа на институционална реакција само од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

„Ваквите постапки претставуваат манипулација со уставно загарантираната автономија на високото образование, а инертноста на надлежните институции овозможува судбината и развојот на целокупното високо образование и наука во нашата држава да бидат во рацете на една мала интересовна група, на што, со право, реагираат студентите. НАкС бара да престане практиката на објавување Конкурси што не се во духот на ЗВО и се спротивни на сите залагања и на Професорскиот пленум (ПП) и на Студентскиот пленум (СП), како и на НАкС и на УСС УКИМ за едно поавтономно и потранспарентно делување на високо-образовните институции“, бараат од синдикатот.

Додаваат дека претседателот на Интеруниверзитетската конференција, ректорот Никола Јанкуловски и членовите на Интеруниверзитетската конференција не преземале ништо за да се спречи нетранспарентниот избор.

„Многу е опасно да се манипулира со својата фела, но уште поопасно е тоа да се прави со студентите и нивните права. Затоа, очекуваме дека овој пат надлежните институции нема да замижат и дека ќе застанат во одбрана на духот на ЗВО, како што, впрочем, тоа требаше да го направат и до сега. Студентите ја имаат нашата целосна поддршка во остварување на своите права“, соопштија од Независниот академски синдикат (НАкС).

Борјан Ефтимов, УСС: Недемократски и нетранспарентен избор на студент во Националниот совет за високо образование