Борјан Ефтимов, УСС: Недемократски и нетранспарентен избор на студент во Националниот совет за високо образование

Борјан Ефтимов, претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје испрати отворено писмо во врска со, како што вели, недемократскиот и нетранспарентен избор на студент во Националниот совет за високо образование и наука.

Писмото го објавуваме интегрално:

„На универзитетот каде „се е по правила и прописи“, а ништо не е праведно. Интеруниверзитетската конференција преку тајно гласање одржано на 13, 16 и 17 ноември, го избра единствениот претставник на студентите во Националниот совет за високообразование и наука. Овој избор е скандалозен и проблематичен од повеќе аспекти.

Националниот совет за високо образование и наука е најважното тело од областа на високото образование, науката, студентскиот стандард и сите политики од овие области. Националниот совет е тој кој треба да ги креира политиките и стратегиите за унапредување на високообразовен систем во Македонија. Од овој национален совет зависи иднината на високотообразование и сите идни политики од оваа област.
Во овој совет, студентите имаат еден претставник на национално ниво, т.е. Еден студент кој ќе ги претставува сите 50 000 студенти во државата. Покрај студентот, во советот членуваат 6 професори избрани од Интеруниверзитетската конференција, 6 професори именувани од Владата и по 1 претставник од МАНУ и Стопанската комора. Студентскиот претставник го избира интеруниверзитетската конференција, која е составена од ректорите и претседателите на студентските собранија на сите универзитети во државата, а во неа членуваат и 19 претставници на наставните кадри. Како се одвиваше изборот на студентот во националниот совет и зошто овој избор е скандалозен и неправеден ќе образложам во понатамошното излагање.

Прво, изборот е реализиран преку „јавен“ конкурс објавен во два дневни весници и на веб страната на УКИМ (со задоцнување од два дена, скриен на најневидливте делови на веб страната). Иако според Закон, Интеруниверзитетската конференција треба да има своја веб страна на која ќе се објавуваат сите информации, таа не постои. При распишувањето на конкурсот не се направени никакви напори да се информираат студентите, а за распишувањето на овој јавно-таен конкурс, Универзитетот не го информираше ниту Универзитетското студентско собрание како единствен легитимен претставник на студентите. Одбивам да верувам дека ова е ненамерна грешка, со одглед на тоа што на 6 октомври, на состанок со Ректорот, лично јас побарав од него да се распише конкурсот како би можел да се избере претставник на студентите. Ректорот потврди дека ЌЕ го распишат конкурсот, „заборавајќи“ да ми каже дека конкурсот веќе е во тек, објавен на 3 октомври и истекува на 7 октомври. Ваквата постапка на ректорот не значи ништо друго, освен свесно доведување во заблуда на претстаниците на студентите за (не)постоењето на горенаведениот конкурс. Ректорот со оваа своја постапка јасно ја злоупотреби својата положба доставувајќи неточни информации до студентите, со што им го ускрати правото да бидат легитимно претставени во Националниот совет за високо образование и наука, како тело од исклучителна важност за секој студент.

Неизбежно се наметнуваат неколку прашања: Зошто ректорот ги доведе во заблуда студентските претстаници? Дали некој се обидува да им оневозможи на студентите легитимно и силно претставување или се работи за тотална дезорганизираност на најголемиот универзитет? Зошто не се почитува Законот за високо образование и конкурсите, актите и информации за седниците на Интеруниверзитетската конференција не се објавуваат на официјална веб страна?

Второ, „изборот“ на „претставникот“ на студентите помина без било каква дискусија и можност за проверка на единствениот кандидат. Интеруниверзитетската конференција не организираше седница на која ќе може да се дискутира во однос на единствениот кандидат и неговите компетенции, туку само организираше тајно гласање. Ваквиот начин на избор сигнализира дека гласањето било проформа без намера да се утврди квалитетот на единствениот кандидат кандидиран преку јавно-таен конкурс, а лобирањето одело телефонски. Зошто не беше овозможена дискусија преку видеоконференциска платформа? Дали изборот за една таква важна позиција треба да се реализира без претходна дискусија? Дали единстениот претставник на студентите на национално ниво треба да биде избран без претставување, само со испратено CV?

Трето, мора да се напомене дека кандидатот не доби поддршка од студентите во рамки на Интеруниверзитетската конференција. Претседателите на Универзитетските студентски собранија гласаа и беа против изборот на единствениот кандидат по пат на јавно-таен конкурс. Претставникот на студентите не доби поддршка од студентите, а сепак беше изгласан со гласовите на ректорите и професорите (22 за, 10 против и 4 прешкртани ливчиња). Дали овој кандидат е легитимен доколку е избран од страна на профеосорите и ректорите наместо од претставниците на студентите? Дали единствениот студент во Националниот совет треба да биде избран спротивно на волјата на претставниците на студентите во Интеруниверзитетската конференција?

„Се е по правила и прописи“ е одговорот на Ректорот на УКИМ на моите аргументи против изборот на единствениот кандидат, испратени неформално преку мејл до сите членови на Интеруниверзитетската конференција. Тука ќе се согласам, да формално-правно конкурсот е во ред, меѓутоа ваквиот начин на работа е груба злоупотреба на процедурите и спротивен на духот на Законот за високо образование и студентската борба за демократизација на универзитетите. Духот на законот е демократизација на студентското организирање и поставување на основи за легитимно претставување на студентите во сите органи и тела од нивни интерес. Духот на Законот се транспарентни постапки достапни за сите студенти. Очигледно имаме принципиелно различни сфаќања за тоа како треба да изгледа една постапка. Јас сметам дека изборот на единствениот студентски претставник треба да биде максимално транспарентен и достапен за сите студенти, а ректорот смета дека изборот треба да биде канцелариски без информирање на студентите. За жал, ректорот не ја препознава потребата од транспарентна и достапна постапка за избор на студентски претставник во Националниот совет, туку одлучи се да се сведе на формалност и со тоа им го ускрати правото на студентите на легитимен и транспарентен избор на претставник во Националниот совет. Катастрофално е тоа што ректорот оди против волјата и интересите на своите студенти претставени преку Универзитетското студентско собрание.

Јас, како претседател на студентското собрание, одбивам да се потчинам и да прифатам ваков однос од страна на ректорот. Одбивам да премолчам на грубата злоупотреба на процедурите и изигрување на студентските претставници. Одбивам да прифатам дека во националниот совет ќе имаме претставник кој не е избран од студентите во една транспарентна и јавна постапка. Одбивам да прифатам дека студентите на нашите универзитети ќе бидат третирани како потрошен материјал наместо како партнери и еднакви членови на академската заедница. Време е јасно и гласно да се каже каква е состојбата на нашиот Универзитет. Високото образование постои за студентите, а не за лечење на фрустрациите од позиција на моќ.

Борбата за студентски права нема да престане. Допрва доаѓаме.