Во Тетово се фрлаа лажни пари кон ЕВН – Протести против поскапувањето на струјата во пет градови

Во пет градови низ земјата синоќа продолжија протестите против поскапувањето на цената на струјата.

Најмасовниот протест се одржа во Тетово, каде неколку стотици граѓани предводени од иницијативата „Доста е!“ маршираа од централниот плоштад до седиштето на електродистрибутивната компанија ЕВН на излезот од градот.

Активисти потоа фрлаа лажни банкноти, евра и долари, кон дворот на компанијата, а граѓаните преку извици на негодување покажаа дека се бесни од зголемените цени на струјата.

Тие порачаа дека од следната недела ќе бараат решавање на проблемот од пратениците во Собранието,

Покрај во Тетово, вчера протести се одржаа и во Скопје, Гостивар, Кичево и Битола.

Протестите кои траат речиси еден месец низ повеќе македонски градови започнаа по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на струјата за домаќинствата да се зголеми за 7.4%. Граѓаните на социјалните мрежи тогаш бурно реагираа и негодуваа поради ваквата одлука.

Граѓанските иницијативи кои се обединија околу протестите бараат пониска цена на струјата, укинување на Регулаторната комисија за енергетика, намалување на ДДВ-то за електрична енергија и формирање независен арбитрарен орган кој ќе го набљудува квалитетот на услугите и ќе ги адресира поплаките на граѓаните од енергетските компании.