Утрово започна гласањето за референдум на државно ниво на којшто гласачите треба да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.
Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во избирачкиот список. Се гласа на 3.748 избирачки места кои се отворени од 7 до 19 часот.
Од Јавното Обвинителство информираа дека е формирана посебна комисија која ќе разгледувае вентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.
Во комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.
Јавното обвинителство на Република Македонија ја повика јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок или пријава до комисијата.
Референдумот ќе го следат рекорден број домашни и странски набљудувачи, кои денеска ќе бидат распределени на избирачките места и ќе го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање.
Официјалната бројка од Државната изборна комисија на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.
Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми.
Повреда на гласачкото право граѓаните може да пријават до МВР, Хелсиншки Комитет или Народен правобранител.