Градоначалникот Наумоски: Неколку решенија за поголема заштита во Ѓорче Петров

Ја поздравивме одлуката на Градот за поставување семафор кај училиштето „Мирче Ацев“, за што во неколку наврати апелиравме, но и инициравме средби со релевантни страни. Сите сме во очекување на реализација на проектот кој вклучува и заштитна ограда долж дел од тротоарот, а треба да биде завршен за околу две недели, соопшти градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, потенцирајќи дека со советниците на седница разговарале за актуелната состојба со зачестените сообраќајни незгоди на неколку критични точки во скопската општина.

Во меѓувреме, вели тој, веќе размислувале во насока на решавање на проблемот и на уште неколку места, меѓу кои кај училиштето „Ѓорче Петров“, како и кај подрачното „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром.

„Дискутиравме за неколку можни решенија во најскоро време, меѓу кои тн.лежечки полицајци, зачестена сообраќајна контрола од страна на МВР, можеби нови семафори, но и огради на тротоарите кои ќе ги насочуваат граѓаните, особено децата кон пешачките премини. Од советниците беа предложени и други сообраќајни идеи од кои оние што се во наша надлежност веднаш ќе ги земеме в предвид, а за останатите ќе алармираме до надлежните институции, се со цел да не ни се повторат немилите настани, да се зголеми безбедноста во сообраќајот, почитувањето на пешачките премини и намалувањето на брзината на возилата“, соопшти Наумовски.

Во тој контекст, било дискутирано и за поставување столпчиња во соработка со Градот, особено долж главната улица, со што, тврди тој, би ги ослободиле улиците од возила.

Инаку, граѓани од Ѓорче Петров и синоќа излегоа на протест откако завчера дете беше тешко повредено во сообраќајна незгода на улицата „Борис Сарафов“. Претходно, по несреќата револтирани жители на населбата ја блокираа улицата во знак на протест, барајќи светлосна сигнализација и „лежечки полицајци“. Од Општина Ѓорче Петров веќе најавија дека во координација со Град Скопје во иднина ќе постават семафор на улицата „Борис Сарафов“.

[Галерија] „Немаме вишок деца за газење“, порачаа граѓаните на протестот во Ѓорче Петров