5 години Медуза: Промоција на публикација „Новите добри времиња“

Феминистичката платформа „Медуза“ полни пет години, а јубилејот ќе биде одбележан со промоција на публикацијата „Новите добри времиња“, разговор и поетско читање.

Настанот по повод јубилејот ќе се одржи во скопскиот локал „Котур“, на 14 декември, со почеток во 19 и 30 часот.

„Гледајќи назад кон изминатите 5 години, горди сме на нашата упорна, издржлива и креативна заедница, но и разочарани и уморни од локалните и глобалните околности кои нè притискаат и чекаат да попуштиме. Сепак, свесни сме колку е потребно да продолжиме да се здружуваме и оснажнуваме едни со други и токму од тоа место на тврдоглава и упорна феминистичка верба и борба ве покануваме на колективно одбележување на роденденот на Медуза“, велат од тимот.

Зборувајќи за публикацијата, уредничките на „Медуза“ – Калиа Димитрова и Душица Лазова велат дека оваа година сеприсутно им било дефетистичкото мечтаење по „старите добри времиња“, па започнале да размислуваат, разговараат и пишуваат за можни ~ нови ~ добри времиња.

„Нашата овогодинешна публикација го носи токму тој ‘опасен’ слоган кој на едно место собра бројни соработнички на Медуза, пријател(к)и, со-сонувач(к)и и личности од кои сме учеле и кои учеле од нас, кои ги споделија своите мисли, визии, стравови, теории, мечти, копнежи и сомнежи поврзани со иднината“, велат тие.

Публикацијата е составена од текстови од авторките Адриана Захариевиќ, Елена Кузмановска, Ивана Хаџиевска, Ана Аврамовска, Клелија Живковиќ, Елизабета Шелева, Ана Јакимска, Ивана Смилевска, Калина Малеска, Мања Величковска, Вики Младенова, Џемилиана Абдулова, Елена Гаговска, Ангел Димитриевси, Кристина Атанасова, Ана Блажева, Сара Миленковска и Лени Фрчкоска, што ја прифатија нашата покана.

Дизајнот на „Новите добри времиња“ е на Кристина Атанасова.

Промоцијата на публикацијата ќе биде проследена со разговор за можната феминистичка иднина меѓу уредничките на „Медуза“,  Димитрова и Лазова, со Клелија Живковиќ, Ангел Димитриевски и Адора Лимани.

Потоа ќе следи поетско читање, а свои дела ќе прочитаат поетеси застапени во публикацијата – Марија Велинова, Калиа Димитрова, Филипа Попова, Ива Дамјановски, Марија Шаклева, Моника Стојановска и Ивана Јовановска.

„Воопшто не е лесно да гледаш во густиот мрак на иднината од позиција на безнадежна сегашност и да препознаеш поинаков и подобар свет. А, сепак, токму тоа треба да се прави, и тоа постојано“, вели Лазова во заклучокот на публикацијата.

„Годината е 2023. ‘Новите добри времиња’ постојат во истиот простор каде што постојат и ‘старите добри времиња’ – првенствено во нашата имагинација. Но за воопшто да можеме да замислуваме и испишуваме поинаква иднина, која не е репродукција на насилното минато, важно е да ја обзнаниме, прифатиме и отелотвориме неприспособеноста кон времето. Надвор од ова време кое не е наше, никогаш не било и никогаш нема да биде, се наоѓа нашиот свет, смисла, текст, надеж, по кои заедно трагаме, верувајќи дека потрагата не е залудна. Верувајќи во новите, добри времиња кои постојат отаде митолошкото минато и фантазматската иднина, во тоа што правиме сега“, посочува Димитрова во воведот на публикацијата.