По актуелизирањето на темата за пушењето од СЗО и УНИЦЕФ, со своја реакција се јавија и од „02 Иницијатива“, од каде велат дека сме уште едно место во врвот по најлоши нешта.
„Шампиони по аерозагадување и лидери во светот по број на пушачи во земјава, со 48,4% од возрасните, според надворешно истражување од 2019 или 45.4% според ИЈЗ објавено во 2024. Катастрофално поразително. За споредба, светскиот просек за 2025 се проценува на 15.4%“, забележуваат „О2 Иницијатива“.
Според еко-активистите, додека светот се движи во насока на заштита на здравјето и подобрување на квалитетот на живот, ние се урнисуваме сè подолу и подолу.
„4.000 луѓе умираат во земјава годишно од пушење според СЗО. Јавните институции имаат реа на застоен мирис од цигари, иако според закон таму не смее да се пуши. Но нема кој да казнува. Се пуши во затворени тераси, во ресторани…. Додека светот го затегнува обрачот околу пушењето, ние го олабавуваме. И стигаме до неславниот врв. До кога вака?!“, објавија од „О2 Иницијатива“, потсетувајќи ги на своите надлежности Министерството за здравство и Владата.
Од еко-организацијата посочуваат дека од 1 јули во Франција се забранува пушењето на сите отворени јавни простори каде децата, младите се социјализираат, како училишни зони, паркови и градини, плажи, спортски терени, автобуски постојки и др.
„Според министерката за здравје, пушењето мора да исчезне онаму каде се децата и слободата на пушење запира, каде правото на децата да дишат чист воздух започнува. Казната за пушење во овие зони ќе биде 135 евра. Инаку, стотици плажи во Франција веќе имаат забрана за пушење, како и детски игралишта. Целта е до 2032 да имаат генерација на непушачи“, нагласуваат од „О2 Иницијатива“.
За Шпанија, потенцираат дека оваа земја најави нова забрана за пушење, која ќе ги опфати отворените тераси на рестораните и кафулињата, универзитетските кампуси, отворените простори пред ноќните клубови, службените возила и возилата за достава, училишните дворови и отворените образовни простори, отворените настани, спортските објекти и терени, базените, автобуските постојки.
„Забраната ќе ги вклучи и електронските цигари. Околу 700 шпански плажи имаат забрана за пушење, со казни и до 2.000 евра“, потенцираат еко-активистите.
Воедно, потсетуваат дека Шведска од 2019 има забрането пушење на отворено на тераси на угостителски објекти, автобуски постојки, игралишта, пред влезовите на јавни објекти.
„Дајте да мрднеме од врвот на штетното и се спуштиме онаму каде светот живее и се движи денес. Во насока на заштита на здравјето, пред сè на децата и младите, непушачите и здравјето на идните генерации“, стои во реакцијата на „О2 Иницијатива“.
Инаку, според УНИЦЕФ, 62% од младите кои имаат пријатели пушачи започнуваат и самите да пушат, а дури 79% ако родителите има се пушачи. Околу 90% од пушачите започнале да пушат пред 18 годишна возраст, а просекот за младите е 13,5 години.
Оттука, властите најавија борба против рекламите за е-цигари. Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски на вчерашна прес-конференција кажа дека во завршна фаза се законски измени кои ги прават во соработка со СЗО.
„Во дилема сме дали ќе биде тоа сосема нов Закон против пушењето или измени на постоечкиот. За краток период ќе излеземе со повеќе детали. Не може да се најдат толку инспектори колку што има пушачи. Во нашиот постоечки закон, одредбите беа дадени на сите инспектори, сите имаа право и мандат да казнуваат непочитување на законот. Сега ниеден инспектор не оди и не проверува каде се почитува законот и каде не се почитува, има јавни места каде што луѓе пушат. Работиме на зголемување на царините, акцизите, правиме многу за да се зголеми заштитата на јавното здравје на населението“, рече Андовски.
Бојан Шашевски