16 мртви во пад на хеликоптер во Киев, меѓу загинатите и украинскиот министер за внатрешни работи

Најмалку 16 луѓе, меѓу кои и украинскиот министер за внатрешни работи, загинаа по пад на хеликоптер покрај градинка во источното предградие Бровари на главниот град Киев.

Меѓу загинатите се наоѓаат и две деца, а уште десет деца се хоспитализирани, пренесе Би-Би-Си.

Меѓу патниците во хеликоптерот бил министерот за внатрешни работи, Денис Монастирски, како и неговиот заменик министер и државниот секретар.

Шефот на националната полиција, Ихор Клименко, на Фејсбук напиша дека хеликоптерот припаѓал на итните служби на Украина.

По падот избил пожар во близина на градинката и децата и вработените биле евакуирани. Остатоците од хеликоптерот можеле да се видат надвор од објектот во кој избил пожар.

Во време на падот било мрачно, а временските услови биле магливи. Првичните информации покажуваат дека хеликоптерот првично удрил во градинката пред да се сруши во близина на станбени објекти.

Засега не е познато што било причина за падот на хеликоптерот, а од украинската армија најавија дека ќе се покрене истрага.

Клименко изјавил дека вкупно 22 лица биле хоспитализирани по инцидентот.