1.000 маски и богата музичка програма на Вевчански карневал

Во Вевчани привршуваат последните подготовки за претстојниот карневал, кој се одржува од 12-ти до 14-ти јануари.

Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски најави дека за време на манифестацијата се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1.000 маски и 10.000 посетители.

Програмата официјално започнува во сабота, на 12-ти јануари со изложбата на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од авторот Анастас Ќушкоски и продолжува вечерта со забавниот дел од музичката програма која ја предводи македонскиот музички великан, групата Архангел.

Во оваа прилика Вевчани ќе биде домаќин и на регионалната музичка легенда Ненад Милосављевиќ познат како НЕША ГАЛИЈА, фронтменот на славната група „Галија“. Музичката програма оваа вечер ќе биде отворена со настапот на рок групата Културно Уметнички Работници, а за позитивната енергија во завршницата на првиот карневалски ден ќе се погрижи Диџеј Рутбој.

Во недела, на 13-ти јануари, попладнето е традиционално резервирано за карневалската поворка на која вевчанските василичари за прв пат ќе ги претстават годинашните маски. Вечерта пак, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат прилика да слушнат повеќе етно-составени, меѓу кои и БАКЛАВА.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција која се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.

[Галерија] Вевчанскиот карневал како критика на нашата реалност