Загадување: По Центар и Тетово, калциум магнезиум ацетат и на улици во Аеродром

Со нанесување калциум магнезиум ацетат на крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“ , денеска започна третирањето на сообраќајниците во Општина Аеродром со средството што треба да помогне за намалување на загадувањето на воздухот. На улиците кои се премачкани со средството може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој, смируваат надлежните, не е опасен по здравјето на луѓето. Сепак на нив брзината на возилата ќе биде ограничена на 40 километри на час, поради можна појава на лизгавост на коловозот.

Zagaduvanje 14.11 (27)„Ние сме во перманентна комуникација со Градот Скопје за решавање на овој проблем. Ме радува што изминативе неколку дена се констатира дека со сите овие активности е намалено загадувањето на воздухот. Ние како Општина заедно со инспекторите на Град Скопје вршиме редовна контрола на сите стопански објекти во нашата општина и ги проверуваме елаборатите за животна средина дали се постапува во согласност со нив. Констатирано е дека досега секаде се постапува согласно елаборатите. Истовремено работиме на расчистување на депониите. Со задоволство можам да констатирам дека денес во Општина Аеродром не постои ниту една депонија (иако до пред неколку години имаше преку 100). Во моментов се подига парковско зеленило покрај кејот на Вардар на делот спроти поранешната депонија Вардариште, кој во минатото беше главниот извор на загадување и преземаме сè што е во рамки на нашите ингеренции со цел да ги подобриме условите за живеење за жителите на Општина Аеродром и на Градот Скопје. Се надевам дека со сите наведени активности ќе имаме позитивни резултати во решавањето на овој предизвик“, изјави денеска градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, кој заедно со скопскио градоначалник Коце Трајановски набљудуваше како се мачка крстосницата со калциум магнезиум ацетат .

Сепак со тврдењата дека надлежните прават напори за намалување на загадувањето на воздухот во Аеродром не се согласуваат нејзините жители. И синоќа мерните станици на Министерството за животна средина забележаа загадување од 329 микрограми на метар кубен ПМ1- честици, или шест пати поеќе од максимално дозволеното.

Во знак на револт поради неагилноста на институциите, граѓани организирани преку социјалните мрежи за утре, во 11 часот најавија протестен собир за почист воздух пред Општина Аеродром , која неодамна е преселена до трговскиот центар капитол. Велат дека ќе се собираат пред општината секоја недела, во истото време, се додека не почуствуваат конкретни резултати.

#НеСеДише

Експертите посочуваат дека употребата на калциум магнезиум ацетат треба да биде само една од мерките за намалување на загадувањето во урбаните средини. Средството се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) , како и за стабилизација на патиштата. Употребата на средството беше најавена пред две години, а за првпат почна да се употребува минатата седмица во општина Центар, пробно, на три сообраќајници. Со калциум магнезиум ацетат беа третирани и неколку улицо во Тетово, кој заедно со Скопје е град со најзагаден воздух во земјава.