Убиен рускиот амбасадор во Турција

Рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, почина откако беше застрелан од вооружен човек за време на посета на фото галерија во главниот град на Турција.

ББЦ јавува дека и неколку други луѓе се повредени во нападот, кој доаѓа еден ден по протестите во Турција за руската воена интервенција во Сирија.

Според руски медиуми, амбасадорот бил на изложба наречена „Русите како што се гледани од Турците“.

Амбасадорот Карлов и неговиот напаѓач во позадина Фото: АП

Според извештаите напаѓачот подоцна бил убиен од полицијата.

Видео од нападот покажува дека Карлов се обраќа на присутните во моментите кога се слушаат истрели. Камерата се врти и покажува елегентно облечен човек кој држи пиштол и извикува „Не заборавајте на Алепо, не заборавајте на Сирија“ и ја користи фразата „Господ е голем“.

Дописниците на британскиот сервис јавуваат дека е прерано да се знаат мотивите на напаѓачот, чиј идентитет не е соопштен. Според некои информации напаѓачот влегол во уметничката галерија користејќи полициска идентификација.