По крајот за екстерното, Владата бара начин за стопирање и на „Кембриџ“

Дали средношколците следната учебна година ќе учат по контроверзната Кембриџ програма, ќе зависи од тоа дали новата Влада навреме ќе најде правен механизам да го суспендира.

Министерката за образование, Рената Дескоска Тренеска, изјави дека се анализираат законите за да се спречи воведувањето на програмата во средното образование, додавајќи дека активностите мора да се дефинираат до крајот на следната недела, бидејќи веќе се објавени конкурсите за упис во средните училишта.

„Во средното образование се прават напори да се стопира воведување на Кембриџ. Оние кои имаат искуство во образовниот процес, пред сè мислам на наставниците кои работат со тие деца, укажаа дека има многу недоследности. Почнувајќи од тоа како е структуирана програмата, од наставните содржини кои се учат, да не зборувам и за преводите кои беа несоодветни и создаваа конфузија“, рече Дескоска Тренеска.

Кембриџ програмата, која е доста критикувана во јавноста, претходниве три години, етапно се воведуваше во основното образование, а од следната учебна 2017/2018 година предвидено е да се воведе и за учениците во средните училишта.

Додека намерата со Кембриџ, беше подигање на квалитетот во образованието, стручната јавност реагираше на програмата која е неприлагодена за македонската средина, на лошите преводи и несоодветна терминологија, како и на тоа дека содржините се несоодветни за возраста.

Професорката Ирена Христовска, во анализата за блогот ResPublica смета дека при креирањето и адаптацијата на програмите по математика и природни науки бил занемарен основниот фактор – возраста и психолошкиот и интелектуалниот развој на учениците.

„Пред децата се поставуваат проблемски ситуации, а тие се во фаза на конкретно размислување (барем до седумгодишна возраст). Во прво одделение, по предметите математика и природни науки се бара од учениците да запишуваат одредени искази. Парадоксот е во тоа што, кај учениците описменувањето започнува во второ одделение“, пишува Христовска.

Пример од задачите во учебниците по математика и природни науки за прво одделение

Пример од задачите во учебниците по математика и природни науки за прво одделение, според Кембриџ програмата

На онлајн анкетата, која во април ја објави порталот fakulteti.mk, дури 87% од испитаниците се изјасниле дека учењето според „Кембриџ“ нема да доведе до квалитетно образовани деца.

„Во книгите на Кембриџ има „напиши“, а децата од прво одделение ги немаат учено буквите“.

„Сум била во Кембриџ и сум ги видела нивните програми. Овој тука врска нема со Кембриџ“.

„Концептот, материјалот не е тежински подреден во однос на староста на учениците, временски за проучување (на крај на зима се проучува цвет)“, се некои од коментарите на анкетираните кои ги објави порталот.

Според анализата на Христовска, досегашното искуство покажало дека адаптираните програми по „Кембриџ“ треба да се реорганизираат:

„Во реорганизацијата треба да се вклучат стручни лица од секоја област (професори, наставници, советници, психолози, педагози), кои ќе ги усогласат програмите, пред се со возраста и развојот на учениците, нивните можности, способности, интересот на децата во одредена возраст и секако, да се обезбедат услови за работа во училиштата, за целосна реализација и постигнување на целта – квалитетно образование“, додава Христовска.

Поранешниот заменик-министер за образование, Спиро Ристовски, најавата за суспендирање на Кембриџ програмата во средното образование го нарече „антиреформа“, додавајќи дека соработката со британскиот универзитет бил корисен и квалитетен проект насочен особено во изучувањето на математиката и природните науки, две области во кои македонските ученици подолг период покажувале слаби резултати.

На последното ПИСА меѓународно тестирање на 15 годишници, македонските ученици меѓу своите врсници од 72 земји, се најдоја на последните четири места според резултатите од природните науки, математика и читање. Резултатите не се подобри ниту на другите меѓународни образовни тестирања.