Нетфликс стана достапен и во Македонија

Позната онлајн мрежа за стриминг на филмови и серии Нетфликс соопшти дека го лансира својот сервис глобално, со што дава можност за користење на нивните услуги на повеќе од 130 земји низ светот, меѓу кои е и Македонија.

„Денеска сте сведоци на раѓањето на нова глобална интернет ТВ мрежа. Со ова лансирање, конзументите низ светот, од Сингапур до Санкт Петербург, од Сан Франциско до Сао Паоло ќе може да уживаат во ТВ серии и филмови, симултано, без чекање. Со помошта на интернетот ние ја даваме моќта во рацете на конзументите да гледаат кога сакаат, каде сакаат и што сакаат“, изјави директорот и ко-основач, Рид Хастингс.

За една месечна цена, членовите низ светот ќе може да уживаат во оригиналните серии на Нетфликс, вклучувајќи ги и оние на Марвел – Daredevil и Jessica Jones, потоа Narcos, Sense8, Grace and Frankie, и Marco Polo, како и каталог на лиценцирани ТВ шоуа, серии и филмови.

Во 2016 компанијата планира да пушти нови 31 оригинални серии, но и нови филмови и документарци, како и широка палета на стенд ап комедии и 30 детски серии, кои се достапни за сите членови насекаде. Првиот месец од членството на Нетфликс е бесплатен.

Сервисот се уште не е достапен во Кина, иако компанијата продолжува да бара опции за да го обезбеди сервисот и во оваа земја. Исто така не е достапен во Крим, Северна Кореја и Сирија, поради рестрикциите на американската влада за американските компании.

Нетфликс е достапен буквално на секој уред со интернет конекција, вклучувајќи ги персоналните компјутери, таблети и смартфони.