Дизајнерите на „најмалите машини на светот“ ја добија Нобеловата награда за хемија

Жан Пјер Саваж, Џ.Фрејзер Стодар и Бернард Л.Феринга ја добија Нобеловата награда во хемија за дизајн и синтеза на „најмалите машини на светот“ – молекули чие движење може да се контролира, кои можат да извршуваат задачи ако се додаде енергија.

Овие „молекуларни машини“ можат да се користат за развој на нови материјали, сензори и системи за складирање енергија, соопшти Кралската шведската академија на науките при објавувањето на наградените.

„Во смисла на развој, молекуларниот мотор е на исто ниво како што бил електричниот мотор во 1830-тите години, кога научниците прикажале разни тркала и и запчаници кои се вртат, без да знаат дека тоа ќе доведе до електрични возови, машини за перење, вентилатори и процесори за храна“, стои во соопштението.

Машините не се видливи со голо око: долги се само неколку нанометри, илјада пати помали од ширината на влакно од косата. Францускиот научник Саваж направил голем чекор кон нивен развој во 1983 година, кога успешно поврзал две молекули во облик на прстен – за да направи ланец, наречен катенан. Следниот чекор го направил британецот Стодар во 1991 година, кога протнал молекуларен прстен низ тенка молекуларна оска и покажал дека прстенот можел да се движи по оската.

Во 1999 година холанѓанинот Феринга стана првиот кој развил молекуларен мотор – тој успеал да во континуитет да врти молекуларен пропелер во иста насока.

Тројцата научници го заживеале полето на тополошка хемија, соопшти Академијата.

Тие ќе ја поделат паричната награда од околу 930 илјади долари.