ДИК: Во Теарце победи СДСМ, но нема промена на мандатите

Конечниот резултат објавен на Државната изборна комисија е 51 пратенички мандат за ВМРО-ДПМНЕ, 49 за СДСМ.

При денешното прегласување во Теарце, ВМРО-ДПМНЕ освои 149 гласа, СДСМ 245, ДПА, ДУИ и Алијанса за Албанците по 1 и ВМРО за Македонија 2 гласа.

Сепак, разликата во корист на СДСМ од гласачкото место 2011 во Теарце не беше доволна за промена на резултатот, односно нема да има промена во освоените пратенички мандати.

На избирачкиот список за ова избирачко место се запишани 714 гласачи, кои гласаа во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.

Гласањето помина во мирна атмосфера, без поголеми проблеми, освен 15-минутниот прекин поради проблеми со УВ ламбите.

По завршетокот на изборите, повторно, и двете најголеми партии си прогласија победа.

Портпаролот Петре Шилегов излезе на прес-коференција и рече дека жителите на Теарце денеска гласале како и остатокот граѓани на Република Македонија, односно за промени и живот.

„Од овде, од Теарце, ќе ја послушаме пораката што ја испратија теарчани. Таа е истата како што ја испратија остатокот од граѓаните во Република Македонија, а тоа е дека ќе има одговорна влада, влада којашто ќе воведе демократски промени во државата. Во Македонија ќе одговорни институции кои ќе одговараат на потребите на граѓаните, во Македонија ќе има ново владино мнозинство“, рече тој.

Шилегов спомена дека СДСМ ќе ја предводи следната Влада, а дека прегласувањето било само симболично.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак,  на Фејсбук прогласи победа на ВМРО-ДПМНЕ.

„Теарце, 25-ти декември. Народот: победник! СДСМ+БЕСА+шарените: изгубија. Пратеници ВМРО 51:49 СДСМ. 455 000 родољубиви гласови“, напиша тој на социјалната мрежа.

За споредба, на првото поништено гласање на 11 декември во Теарце излегоа 56 проценти од гласачите, при што ВМРО-ДПМНЕ имаше тесна победа со само четири гласа пред СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ доби 91 глас, СДСМ 87, Беса 65, ДПА 64, ДУИ 53 и Алијансата за Албанците 25 гласа.