Девојче и мече со гас-маска прашуваат „Зошто?“ – најдобар филм снимен со мобилен

Краткиот филм „Зошто?“, на Мурат Жерка ја освои наградата „Ратка Илиевска – Лале“ за најдобар филм снимен со мобилен телефон на 7-то издание на „Мобил фестивал“ кое синоќа заврши во Кинотека на Македонија.

Филмот прикажува девојче кое со себе носи плишано мече со гас-маска покрај разни ситуации на загадување и уништување на околината и низ едноминутното видео прашува зошто луѓето ја уништуваат иднината. Наградата за режисерот е стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

„Зошто, е прашањето кое го поставува овој филм, а кој со својата социјална ангажираност успешно му нуди одговор на гледачот. Филмот одлично го поставува проблемот со загадувањето, денес особено актуелен, а и нуди успешен приказ на невиноста на децата и наближувањето на опасноста која се наѕира во мечето што носи гас-маска“, објаснуваат организаторите.

Другите наградени филмови се и „Рекурзија“ на Анастасија Стејси Точевска, за најдобар филм во домашната програма „Млади Таленти“. „Сонар“ од група уметници од Германија е прогласен за најинвентивен филм, додека „Еден, Два, Монолози“, на Блерина Гоце од Албанија доби признание за најоргинална приказна претставувајќи ја бедата на маргинализирани семејства во Тирана. Награден за најдобра идеја беше и „Меурчињата не лажат“ во режија на Штепан Етрих од Чешка.

За наградите одлучуваше тричлено жири: Ванчо Мираковски, монтажер, Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотеката на Македонија и Сребра Ѓорѓијевска, новинарка.

Фестивалот беше одржан со поддршката од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, МЕПСО, Кинотеката на Македонија и Младинскиот културен центар. Во рамки на седмото издание беа одржани две работилници за стоп-анимација, едната за деца во соработка со фестивалот „Синедејс“, а другата во соработка со СУ „Јосип Броз Тито“. Беа прикажани и два детски филма во Кинотеката на Македонија, од германска и холандска продукција.

Организатор на „Мобил фестивал“ е КТ Филм и Медиа.