#ЗоштоНеПријавив – пораки оставени низ Скопје зборуваат во име на жените жртви на насилство

„Се плашев дека ќе ми се одмазди“, „Ми се закани со отказ“, „Моите ми кажаа да не кажувам на никој“, „Беше дете од фамилија“, „Другар му е џандар“ и „Не знаев каде“ – се дел од пораките кои ноќва можат да се забележат на повеќе локации низ Скопје.

Станува збор за герила акција на феминистичката платформа „Медуза“со која сакаат да ги нагласат причините поради кои жените и девојките најчесто не се осмелуваат да пријават дека се жртви на одреден вид насилство.

Со ова тие се приклучија на актуелната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која ќе трае до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.

Оваа годината, фокусот на кампањата е сексуалното вонемирување, насилството и силувањето, под слоганот „Generation equality stands against rape!”.

Во наредниот период, повеќе организации и иницијативи ќе се вклучат со разни активности, а главен хаштаг на кампањата е #НемаОправдување.