Зошто Усеин Болт и јамајканските спринтери се толку брзи?

Едно од прашањата кои ќе ги одговорат Олимписките игри во Рио е дали Усеин Болт стане „најголемиот спринтер во историјата“. Утрово е еден чекор поблиску, откако победи на најкратката и најбрзата дисциплина во спортот – трката на 100 метри. Болт ги има во своја сопственост златните медали на 100, 200 и штафетата 4×100 метри од олимпијадите во Пекинг и Лондон.

Болт победи со време од 9,81 секунди и стана првиот човек во историјата кој освоил три олимписки злата на 100 метри.

Него го очекуваат уште две трки во Рио. Златото на 200 метри ќе го брани во петок, а штафетата во сабота.  Во сите три спринтерски категории Болт е сопственик на светскиот рекорд.

Претходно на женскиот спринт првото и третото место го освоија Јамајканки. Илејн Томпсон ја истрча трката за 10,71 секунди, а Шели-Ен Фрејзер-Прајс  беше трета со време од 10,86 секунди.

Како Јамајка, држава од 2,7 милиони жители, последниве десетина години редовно успева да биде подобра во најкратките спринтерски дисциплини од сто пати побројните Соединети Американски Држави, или останатите спортски велесили?

За 29-годишниот Болт најважната причина е во посебната спортска култура која ја има оваа островска земја и големата популарност која трките во спринт ја имаат таму. Атлетските натпреварувања на младите спринтери се одржуваат пред преполни стадиони и се гледани на телевизија.

Во текстот „Во јамајканската фабрика за спринт“, се наведува дека децата уште од три годишна возраст доаѓаат кај спортските тренери и почнуваат да трчаат од забава. Веќе на тинејџерска возраст достигаат брзини кои се слични на најдобрите атлетичари од други држави. Популаризацијата на спортот која ја направија атлетичарите како Болт ќе биде дополнителен мотив на младите спринтери од земјата. Исхраната не е посебно строга, но е заснована на јаглехидрати. Обично пред трките атлетичарите јадат аки и солена риба – традиционален јамајкански оброк, јам (зеленчук сличен на сладок компир), зелени банани и чај.

Покрај системот на тренинг улога во успесите веројатно имаат и генетиката и анатомијата. Од тоа дека генот за експлозивно трчање бил почест кај Јамајканците според научна студија од 2010 година, преку посебноста на спринтерските мускулни влакна, до тоа дека најбрзите луѓе од оваа земја имаат симетрични колена.

Она што можеби има најголема улога но е тешко да се измери, е желбата со која Јамајканците сакаат да трчаат. Единствен начин е тоа да се прочита од лицата на олимписките шампиони од оваа земја. Пред секоја трка се опуштени и насмеани. За нив тоа е само уште една трка.