Зошто Бојан Мавков – студент на генерацијата, ја напушти Македонија?

Бојан Мавков е од Скопје, има 25 години, а веќе втора година живее и работи во Гренобл, Франција, каде го подготвува својот докторат. Со просек 9,70 дипломира на ФЕИТ, Факултетот за Електротехника и Информациски технологии на насоката КСИА (Компјутерско Системско Инженерство и Автоматика). Веднаш по дипломирањето, се пријавил на огласот за работа во МЕПСО. Ме одбија, немаше образложение. Само ми ги вратија документите на кои само пишуваше кој е примен. Не знам, можеби сум немал искуство, скромно објаснува Мавков, во интервју за порталот Фактор.

bojan-4-564x272Добив стипендии за да студирам на повеќе универзитети во Европа и се одлучив за стипендијата која ја нудеше Француската амбасада преку Францускиот институт во Скопје. За волја на вистината имав можност за стипендија и од македонската Влада за да продолжам со едуцирање во странство, ама со обврска да се вратам во државата и да се ставам на нивно располагање, додава Мавков, кој патем зборува англиски, а го усовршува и францускиот јазик.

„Моите магистерски во Франција ги продолжив на истата област во која дипломирав во Македонија, во полето на системското инженерство и автоматското управување. Во Франција завршив истражувачки мастер кој ми даде можност да продолжам понатаму со докторат. Имав среќа да се најдам помеѓу врвни истражувачи во мојата област и добив понуда од професорите да продолжам со докторат на еден од најголемите истражувачки проекти во светот – проектот ИТЕР. Ова за мене преставува голема чест, но истовремено и голема обврска. Паралелно со мојот докторат држам вежби за магистранти на интернационална мастер програма во универзитетите „Жосеф Фурие“ и „ИНП“ Гренобл“, објаснува Мавков.

На што се однесува вашиот магистерски труд, а што истражуваш за докторатот?

Мојот магистерски труд беше со наслов “Адаптивна оптика за конфокална микроскопија со оптимизација на молекуларната осветленост”. Моја задача беше да развијам техника за идентификација на аберациите во нано-микроскопијата и истите да ги корегирам со помош на адаптивно огледало. Најдобра паралела да се објасни овој феномен е споредбата со човековите очила. Улогата на адаптивното огледало во микроскопијата и кај телескопите е истата како и таа на очилата за корекција на аберациите во човековите очи. Со помош на методи за оптимизација се врши управување на актуаторите кои го менуваат обликот на огледалото за да се најде оптималната форма која ги корегира аберациите, што е слично на процесот на менување на диоптријата на очилата за да се корегира видот кај човекот.

Мојот докторат пак е поврзан со големиот „ТОКАМАК“ проект наечен „ИТЕР“ кој се гради во југот на Франција. Овој проект е еден од најголемите во светот и преставува колаборација помеѓу ЕУ и шест останати партнери и неговиот трошок се проценува да изнесува над 13 милијарди евра.

Имајќи ги во предвид твоите квалификации (магистерски и докторски) што можеш да работиш во Македонија?

За жал, во Македонија мојот избор на работа е прилично ограничен. За разлика од развиените европски држави каде што има развиено истражување во технологијата и во индустријата, во Македонија истражувањето е најчесто концентрирано само во високообразовните институции кои се ограничени со средства и имаат недоволно развиена истражувачка дејност.

Развојот на технологијата треба да е приоритет на било која држава која сака да просперира и да се развива во правилна насока.

Планираш ли да се вратиш во Македонија?

Секако дека по одбраната на мојот докторат и таа опција не е исклучена. Секој би сакал да допринесе и да работи во својата татковина. Но, како истражувач најбитно ми е да го изберам местото каде што ќе ми се пружат најдобри услови за развој на мојата кариера. Во моментот, условите за работа во Македонија во технологијата и развојот не се многу добри. Но, се надевам дека во иднина можеби условите ќе се подобрат и можеби ќе добијам шанса и да се вратам дома. Според мене, развојот на технологијата треба да е приоритет на било која држава која сака да просперира и да се развива во правилна насока.

Целото интервју на  Фактор.