Зорица Зафировска е добитник на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник

Уметницата Зорица Зафировска од Скопје е годинешниот добитник на наградата за млад визуелен уметник ДЕНЕС, соопшти Центарот за современи уметности – Скопје и Факултетот за работи што не се учат Битола/ Скопје.

Делото „Споменик на непостоечкото“ на Зафировска е меморијал на длабоката потреба да се остварат основните законски права и слободи на секоја индивидуа во македонското, но и во светското општество. Тоа е еден вид на протест и претставува своевидна борба и верба во социјалниот напредок, за подобар живот и иднина. Ова дело се обидува да ја реафирмира длабоката верба во слободата, правдата, мирот и меѓусебното разбирање и почитување на сите поединци во општеството.

Наградата вклучува двомесечен престој во Њујорк во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc. и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

Зорица Зафировска (1982, Скопје) дипломирала на УКИМ на Факултетот за ликовни уметности 2000/2005 год. во класата на Јован Шумковски и е студент на последипломски културни студии на Институтот „Евро Балкан“. Зад себе има 8 самостојни изложби. Работи на уметнички истражувања во кругот на социјално-општествените тематики, научно-генетските достигнувања и конзумеризмот. Автор е на публикација која преку цртеж, стории и сведочења го опфаќа двегодишното истражување на феноменот на трговијата со луѓе на глобално ниво. За изработка на своите дела користи различни материјали и медиуми, кои се резултат на долготрајни иницијативи и искуства.

Основач е и член на Арт институт, исто така, и на иницијативата Моми со кои и денес изложува. Има три номинации за наградата за млад уметник „Денес“. Во 2015 год. заедно со Кристина Божурска е еден од победниците на конкурсот за млад уметник на Агенцијата за сериозни работи, селектирана од Бланка де ла Торе, Небојша Вилиќ, Марта Попивода и Петра Бишоф. Живее и работи во Скопје и Абердин.

Наградата ДЕНЕС 2016 за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години се доделува по 13 пат во земјава. Таа е дел од интернационалната програма „Награда за млад визуелен уметник “ на млади уметници од Централна и Југоисточна Европа која ја организираше до неодамна Фондацијата за отворено општество со филијали во десет земји во регионот. Наградата е основана во Чехословачка во 1990 година, а потоа сепроширува во Чешка, Словачка, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија, Словенија, Албанија и Бугарија, секоја именувана различно, во зависност од изборот на локално име.