Зоран Заев пред студентите: Со членството во НАТО нема веќе војни и конфликти во земјава

Премиерот Зоран Заев, заедно со амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје Дирк Јан Коп, пред студентите на Филозовскиот факултет при УКИМ дискутираа за придобивките од членството во НАТО.

Дискусијата беше на тема „Патот до членството во НАТО: од изолирана до интегрирана земја“, а премиерот, потсетувајќи на историјата, објаснуваше зошто е големо значењето да се биде дел од сојуз како НАТО алијансата.

„Нато значи стабилност, безбедност, значи траен мир, значи никогаш повеќе војни конфликти. Вие сте студенти, млада генерација… Сте биле годинка, две или три, кога последниот пат нашата земја имаше конфликт, каде што гинеа граѓани, гинеа млади луѓе, исти години како што е сега вашата генерација. Мајки, татковци, имаа загуби на своите чеда. Ова го кажувам пластично, за да знаете дека со членството во НАТО никогаш повеќе ќе нема војни, ќе нема конфликти, ќе нема губење на човечки животи во нашата земја“ , рече Заев.

Според него безбедноста и стабилноста на земјата се основа за економски раст и развој. Тоа влијае и врз подобрувањето на кредитниот рејтинг на земјата и зголемување на домашните и странските инвестиции кои отворат нови работни места, раст на извозот и трговијата и побрз економски раст.

Според Заев, Северна Македонија формално е веќе членка на НАТО. Тој истакна и дека добил уверување од неговиот колега од Шпанија, Педро Санчез, оти Парламентот на Шпанија до крајот на јануари ќе го ратификува Протоколот за членство на земјава во НАТО.

„Нема ништо спорно, нема никаков дел кој е суштествен. Се работи само за технички аспект на ратификацијата“, изјави тој на дебатата.

Амбасадорот Дирк Јан Коп пак се осврна на практичните придобивки и стабилноста која произлегува од членството. Тој меѓу другото рече дека за него е огромно задоволство да дебатира со студентите кои очекува за 20 години да ја водат Северна Македонија како лидери но и како земја членка на ЕУ.

Караванот веќе некое време работеше и разговараше со студентите, средношколците и граѓаните низ државава, а денешниот настан се состоеше од два дела, првиот – од официјални обраќања на премиерот, амбасадорот, ректорот на УКИМ и деканот на Факултетот, а вториот дел беше сесија резервирана само за студентите, која беше затворена за медиумите.