ЗОО Скопје повикува на „креации и донации“ од уметници, хуманитарци и општествено одговорни компании

ЗОО Скопје започнува со кампања „Креирај и донирај“ за разубавување на зоолошката, како и збогатување на реквизитите за животните (enrichment).

Од градината повикуваат од секој кој е креативен, сака животни, или пак поседува нешто кое може да го подари е добредојден да помогне.

„Графитџии кои би ги разубавеле ѕидовите, уметници кои би ги развеселиле патеките, скулптори кои би ни направиле статуетки животни, креативци кои би изработиле играчки и реквизити за животните, општествено одговорни компании кои би донирале алат или други средства за одржување на зоолошката, одгледувачи кои би подариле цвеќе и дрвца, хуманитарци на кои веќе не им се потребни старите транспортери и кафези за мали животни… Сите сте добредојдени! Ајде заедно да ја разубавиме Зоолошка градина Скопје. Затоа што е наша, заедничка на сите!“, повикуваат од ЗОО Скопје.

Кампањата ќе трае до 30 март, а секој кој ќе придонесе за новиот имиџ на Зоолошка ќе добие табличка со своето име на ѕидот на пријателите и помагачи на ЗOO Скопје.

„Доколку ви се потребни креативни идеи за изработка на ‘enrichment’, има илјадници на ‘Pinterest’. Доколку сакате да креирате и донирате, јавете се на 070/688-014“, велат од ЗОО.