„Зона“ – Кавадарци: Веб-страницата не ни е апдејтирана, а имаме бројни проекти

Директорот на Здружението на граѓани „Зона“ од Кавадарци, Никола Деков, до нашата редакција испрати реакција на веста „Владата дала 800.000 евра на невладини за кои и на Гугл му е тешко да ги најде“, сметајќи дека со текстот е нарушен интегритетот на организацијата:

„Здружението на граѓани „Зона“ е основано 2003 година во Кавадарци, и повеќе од 14 години е лидерска организација во централна Македонија која во полето на својот интерес го има здравството и здравиот начин на живот, иако во годините на работа реализира и бројни проекти кои се поврзани со младинското учество во процесите на донесување на одлуки, како и во поттикнување на младинскиот активизам.

Покрај секојдневното работење на прoграми за намалување на штети од користење на дроги во соработка со Министерството за здравство и Глобалниот фонд, во чиј склоп спроведува и бесплатно доверливо и доброволно советување и тестирање за ХИВ и Хепатит Ц, здружението на граѓани „Зона“ реализираше и проекти за формирање на младински парламент и Совет на млади на општина Кавадарци, го реализираше проектот за креирање на локална младинска стратегија и акционен план за општина Кавадарци, повеќе од 5 години го реализира проектот „Имплементација на конвенцијата на правата на детето во Македонија“ поддржан од детската фондација „Песталоци“. На европско ниво, здружението на граѓани има реализирано три тренинзи “Let’s Do Health”, “Migration is not a crime” и “Healthy lifesyle”, учествувано како партнерска организација во повеќе од 20 европски обуки, а е и дел од регионалната коалиција за климатски промени за југоисточна Европа. На национално ниво, покрај тоа што е основна членка на коалицијата на младински организации „Сега“, здружението на граѓани „Зона“ има учествувано во речиси сите поголеми настани важни за невладниот сектор, помеѓу кои и креирањето на последните две национални стратегии за млади, национални конференции за вработување, образование, функционирање на совети на млади, на конференцијата на кој се поставија основите за функционирање на сега постоечкиот и функционален Национален Совет на млади на Македонија и уште безброј други проекти на кои здружението на граѓани „Зона“ учествувало со свои претставници, профилирани професионалци кои секогаш имале проактивно учество во секоја дискусија, дебата…

Исто така, здружението на граѓани „Зона“ има одлична соработка и со сите невладини организации и младински центри од Кавадарци, како Креактив, Советот за превентива против малолетничка деликвенција, општинската организација на Црвениот крст, релевантни институции и центри. Препознаени како професионалци во својата област на делување, здружението на граѓани „Зона“ има воспоставено и одлична соработка со локалните власти, и претставува одличен пример како здруженијата на граѓани, организациите и неформалните групи треба да го изборат својот статус и да бидат препознаени од локалните власти како важен фактор во општествените промени.

Здружението на граѓани „Зона“ има своја веб страница од 2007 година, но поради технички причини не е апдејтирана. На видеото кое се наоѓа на следниот линк, изработено по повод 13 години од постоењето на организацијата, можете да ги видите дел од активностите на здружението на граѓани „Зона“.

Исто така, во име на професионалноста и точноста во инфомирањето, споделувањето на вистински информации кои ги доставувате до Вашите читатели, би сакале да Ве информираме дека здруженито на граѓани „Зона“ е достапно во секое време да одговори на секое прашање поврзани со неговото работење и начин на функционирање“, стои во реакцијата испратена до нашата редакција.