ЗНМ:Партиите не се откажуваат од контрола врз медиумите

Договорот на партиите за медиумите е обична политичка фарса која уште повеќе ќе го партизира медиумскиот систем, сметаат од Здружението на новинари на Македонија.

„Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија остануваат под контрола на владејачките партии. Ново е што можност да врши притисок врз овие институции добива и опозицијата. Место независно и професионално регулаторно тело и МРТ, сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијанија.

Формирањето на ад- хок  партиско тело во рамките на Агецијата за медиуми, кое треба да го мониторира известувањето на медиумите сто дена пред изборите, е неприфатливо за нас. Единствено решние е избор на нов Совет на Агенцијата, каде ќе се изберат независни и стручни лица. Затоа, ЗНМ нема да учествува во партиските консултации за формирање на ова тело, затоа што не сакаме да легитимираме неодржливи и партиски решенија, кои нема да бидат во интерес на новинарите“, сметаат од ЗНМ.

За здружението е апсурдно и решението за МРТ со кое партискиот уредник на власта, ќе се замени со партиски послушник од опозицијата.

„Со тоа, уште повеќе ќе се засили партискиот притисок врз МРТ, која место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси. Ако сакаме независен и професионален јавен сервис, раководните структури на МРТ треба да се департизираат и да се обезбеди независен и одржлив извор на финансирање“, децидни се од ЗНМ од каде констатираат дека  во Македонија нема политичка волја за вистински реформи во медиумите.

Според партискиот договор, во делот на медиумите треба да се формира ад-хок тело за мониторирање на медиумското известување, составено од 5 члена. Четирите политички партии ќе одберат четири члена, од кои едниот ќе биде Албанец, а избраните четврорица ќе треба со консензус да го одберат петтиот член. Ова тело, според договорот, треба да функционира до завршување на изборите, при што ќе биде формирано 30 дена од датумот на договорот.

Во однос на промените во националниот сервис МРТВ, партиите се договорија најголемата опозициска партија да номинира уредник на информативната редакција, кој треба да стапи на функција сто дена пред датумот одреден за избори.