ЗНМ: Законот за медиуми да се примени кога Македонија ќе влезе во ЕУ

Фото: Утрински

Здружението на новинари на Македонија за законот за медиуми достави еден амандман со кој од пратениците се бара примената на законот да се одложи до денот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Според ЗНМ, со прифаќањето на овој амандман, пратениците ќе ги одбегнат штетите по евоинтеграцијата на Македонија затоа што овој закон не го бара Европската унија, туку исклучиво само Владата.

Претседателот на  ЗНМ, Насер Селмани денеска порача дека пратениците имаат идеална шанса пред македонската јавност да ги решат сите дилеми дека носењето на законот нема за цел да ја ограничи слободата на изразувањето и слободата на медиумите.

„Владата тврди дека овој закон е според европските стандарди. Ако е така тогаш ние немаме ништо против законот да се примени кога ќе станеме членка на ЕУ. Ако било која власт низ пристапните преговори ја убеди Европската Комисија дека во земјата се почитува слободата на изразувањето и слободата на медиумите, тогаш нема да стравуваме дека примената на овој закон ќе може да се злоупотреби за замолчување на критичните гласови во медиумите“, рече Селмани.

Предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денеска се најдоа пред пратениците на Законодавно-правната комисија во второ читање. Иако се очекува амандманската расправа да заврши до крајот на неделата, медиумските закони до денеска не се ставени на дневен ред на 69. седница закажана за во понеделник на 26 август.

На само еден ден пред последната јавна расправа Министерството за информатичко општество објави четврт нацрт од Законот за медиуми кој содржи нови амандмани.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми остануваат на ставот дека нема да присуствуваат на јавните расправи за нацрт-работните верзии на законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.