ЗНМ: Владата не ја укина можноста јавни пари да се трошат за политичка пропаганда во медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува загриженост затоа што во последните измени и дополнувања на Изборниот законик, што по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.

Од ЗНМ посочуваат дека на почетокот од септември, оваа година, Владата ветила дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница одговарајќи до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик.

„Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда“, соопштија од ЗНМ.

Здружението додава дека ќе ги информира меѓународните организации за прекршеното ветување на Владата.