ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ: Изборот на органите во МРТ и АВМУ со просто мнозинство е ризичен

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска посочија дека со загриженост го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство, информираат тие преку соопштение.

Како што посочуваат тие, со предлогот се бара изборот на членови на Програмискиот совет на МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието, да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо, како што додаваат, со двотретинско мнозинство, како што е уредено со постоечката регулатива.

„Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието на РСМ, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постоечките закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, реагираат оттаму.

Истовремено, тие посочуваат дека загрижува тоа што законот е предложено да биде усвоен по брза постапка, без никакво, како што додаваат, образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата, ниту пак за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во неговото носење, велат тие.

„Начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците. Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение“, се објаснува во соопштението.

Во меѓувреме, тие потенцираат дека за начелото за избор со двотретинско мнозинство, медиумските и новинарските организации се залагале и во 2013 година кога се носеа медиумските закон, додека за овој принцип, како што додаваат, се залагале и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ.