ЗНМ: Советот на Агенцијата за медиуми го политизира годинешниот извештај

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го усвои Извештајот за работа на АВМУ за 2016 година, изготвен од стручната служба, во кој на објективен начин се преставува работата на националните телевизии од изминатата година, велат од ЗНМ.

„Врз основа на мониторингот на програмата на националните телевизии, во извештајот се констатира дека во неколку наврати на ТВ Сител и во емисијата на Миленко Неделковски која се прикажуваше на ТВ Канал 5 се користел говор на омраза. Исто така, во извештајот се нотира дека има континуирано прекршување на професионалните стандарди од страна на ТВ Алфа и на ТВ Нова. Советот наместо да го одобрат извештајот, усвоиле нов заклучок, кој не се базира со анализата на стручната служба на Агенцијата, туку на личното убедување на членовите: Лазо Петрушевски, Селвер Ајдини, Миљаим Фетаи и Алма Машовиќ дека ТВ Сител, ТВ Нова, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, Телма, 24 Вести и ТВ Шења, биле политички пристрасни“, соопштија од ЗНМ.

На ваквите, како што велат, паушални оценки на претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски се спротивставил Зоран Фиданоски, член на Советот, кој побарал да се одбие ваков заклучок.

„Овој став е политички мотивиран и со него се сака да се стави знак на еднаквост меѓу медиуми за кои во мониторингот не биле констатирани прекршувања на професионалните новинарски стандарди, со оние за кои има десетици пријави за прекршување на стандардите и констатиран говор на омраза“, изјави Зоран Фиданоски, на денешната прес конференција организирана од ЗНМ.

Фиданоски оцени дека Советот со ваквиот заклучок ја девалвира работата на стручната служба на Агенцијата и необјективно ја преставува работата на националните телевизии.

Тој се сомнева дека ваквиот заклучок на Советот е донесен по нечиј политички диктат и е целосно спротивен на мисијата на Агенцијата.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ваквиот заклучок на Советот на АВМУ го оцени како непримерен и непрофесионален, со што се потврдуваат ставовите на Здружението дека медиумскиот регулатор е политизиран и партизиран.

„Ова е уште еден аргумент зошто треба да се изберат нови членови на Советот на Агенцијата за медиуми. Во Советот треба да членуваат независни, стручни и компетентни личности, кои вистински ќе се грижат за создавање на слободни и професионални медиуми, а не да работат на спасување на образот на непрофесионалните медиуми“, рече Селмани.

Тој побара од Собранието на Македонија да не го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2016 година и да го врати на доработка, со цел да се избрише вештачки вградена квалификација дека сите национални телевизии биле политички пристрасни.