ЗНМ со осуди кон Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците и Сојузот на стопански комори

Од Здружението на новинари на Македонија упатуваат осуди за начинот на  јавна комуникација и обвинувањата упатени кон весникот „Коха“ од страна на Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците (ИДКНА), но и за опасноста на здравјето на медиумските работници при организација на настан за медиуми од страна на Сојузот на стопански комори.

Од Здружението реагираат кон  Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците на чија вебстрана и социјални мрежи е објавен текст со наслов „Застрашувачки е антисемитскиот јазик на весникот КОХА!“ кој ги обвинува новинарите и уредниците како и соговорниците на одредени теми поврзани со написи за работата на Институтот а објавени во „Коха“.

Во текстот, кој потоа е пренесен од неколку медиуми се обвинува медиумот „Коха“ дека работи со цел да наштети на имиџот на оваа јавна установа додавајќи дека „весникот КОХА ќе стане контејнер на антисемитски реакции“.

„Загрижува фактот што во последно време директори на јавни институции ги користат ресурсите на истите да се пресметуваат јавно со медиуми кои критички ја опсервираат нивната работа. Институтот за духовно културно наследство на Албанците како јавна национална установа треба да даде пример како се негува професионален однос со новинарите и медиумите а не истата да се обидува да ги дискредитира оние за кои тие сметаат дека не се етични. Затоа, бараме од Директорот Скендер Асани јавно да се извини на весникот „Коха“ и на тој начин да покаже дека има толеранција кон јавно кажана критика“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Оттаму додаваат дека доколку директорот Асани смета дека било кој медиум не бил етичен на теми кои ја засегаат работата на Институтот, тој има можност да поднесе претставка до медиумските саморегулативни тела или да го искористи своето законско право за барање на исправка и демант. Во спротивно, се остава  впечаток дека тој тенденциозно врши притисок на работата на медиумите и со тоа се обидува да ги обесхрабри новинарите да се интересираат за работата на ИДКНА.

„Повеќе сниматели но и фоторепортери и новинари немаа услови професионално да ја вршат својата работа поради несоодветниот простор кој бил отстапен од страна на организаторот. Истовремено, Сојузот според присутните сниматели не ги испочитувал протоколите за физичка дистанца и повеќе сниматели биле сместени на мал простор со што нивното здравје и безбедност биле ставени во ризик“, реагираат од ЗНМ.

Членовите на Секцијата на сниматели при ЗНМ бараат од организаторите на настаните за медиумите во иднина да се обезбедат соодветни услови за нивна работа и строго да ги почитуваат здравствените протоколи предвидени за јавни настани. Доколку ова не се испочитува снимателите нема да ги проследат овие настани а ЗНМ ќе поднесе соодветни правни постапки против организаторите.