ЗНМ се солидаризира со неделникот Заман кој Турција бара да се укине

Здружението на новинари на Македонија се солидаризира со неделникот Заман Македонија, за кој турската влада бара од македонските власти да биде затворен поради наводна поврзаност со неуспешниот државен удар во Турција. Реакцијата ја пренесуваме интегрално.

Непримерни се изјавите на македонските владини преставници дека разгледуваат законски можности да одговарат на барањата на турската влада за затварање на медиумот. Во слободни и демократски земји медиуми не може да се затвораат со арбитрарни одлуки на владите.

Ја повикуваме македонската влада да го одбие барањето на Турција за затварање на Заман. Неделникот е основан во 1994 година и работи согласно македонските закони, кои гарантираат слобода на изразување и слобода на медиуми.

Овие слободи не може да се ограничат по барање на некоја странска влада, без соодветна судска постапка, во која ќе се докаже поврзаноста на некој медиум со терористичка организација.

Апсурдно е да се верува дека неделник што ги почитува домашните закони и професионалните стандарди може да биде вклучен во извршување на државен удар.

ЗНМ ќе ги алармира сите релевантни европски и светските организации и институции за ставот на македонската влада во однос на барањата на Турција за затварање на македонски медиум.

Скопје, 07.09.2016

Здружение на новинарите на Македонија