ЗНМ распишува конкурс за две годишни награди

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) распишува конкурс за доделување на две годишни награди за новинари за 2018 година. Се работи за наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство.

„Оваа година, Управниот одбор на ЗНМ во согласност со Статутот, одлучи да додели уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2018 година на новинари од внатрешноста на Македонија“, соопштува ЗНМ.

За наградата за животно дело, кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, се доставува и кратко образложение за остварувањата на кандидатот, што оставиле посебна трага во македонското новинарството,

„Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во 2018 година во медиумите во Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации“, се вели во повикот.

За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2018 година се пријавуваат новинари кои имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во Македонија. Пријавата и за оваа категорија може да биде од самиот новинар или по предлог на тројца колеги.

Во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење се доставува медиумскиот продукт во изворен формат и дополнителни две копии.

Апликациите и пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 11 февруари 2019 година.

Повеќе детали околу конкурсот може да се прочитаат ТУКА.