ЗНМ: Приведувањето на новинарот Ибрахими е опасен преседан

Здружението на новинарите на Македонија денеска остро реагираше против приведувањето на новинарот на весникот Лајм, Бесим Ибрахими, кој во саботата беше лишен од слобода од полицијата поради сомнение дека учествувал во насилни протести за случајот „Монструм“.

ЗНМ: Приведувањето на новинарот Ибрахими е опасен преседан

– Приведувањето на новинарот Ибрахими е многу опасен преседан, новинари, кои следат протести, кои се настани од висок јавен интерес, да се приведуваат под обвинение дека учествувале во нарушување на јавниот ред и мир. Новинарот Ибрахими се затекнал на местото на настанот затоа што таму бил на професионална задача по налог на уредникот да ги следи протестите. Тој категорично ги одбива сите обвинувања дека бил учесник на протестите и дека ги попречувал полициските службеници во извршување на службена должност, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Управниот одбор на ЗНМ изрази сериозна загриженост што во Македонија се воспоставува една крајно недемократска пракса многу лесно да се приведуваат новинари без да се обезбедуваат цврсти докази.

– Ние се сомневаме дека ваквите обиди не се наивни и имаат за цел да го уриваат угледот на новинарите во јавноста и да ја дискредитираат важната улога на медиумите како битен чинител на демократскиот амбиент во едно слободно општество. Ваквото однесување на полицијата може да ги одвраќа новинарите да ги следат протестите но може и да влијае на начинот на кој медиумите известуваат за протестите и за однесувањето на полицијата. Ги повикуваме одговорните институциите на системот, обвинителството и судовите, сериозно да ги оценуваат сите докази против колегата Ибрахими и да не дозволат медиумите да се инкриминираат со неосновани обвинувања. Предупредуваме дека озаконувањето на овој преседан ќе претставува тежок удар врз слободата на изразувањето и слободата на медиумите, реагираат од здружението.

ЗНМ ја поздрави одлуката на судијата во претходна постапка, кој го одби барањето на обвинителот за определување на мерка притвор и одреди други алтернативни мерки за обезбедување на присуството на новинарот во текот на истражната постапка.

– Ние се надеваме дека обвинителството крајно внимателно ќе пристапи кон оценка на доказите и ќе донесе соодветна одлука која ќе придонесува за обезбедување на поволен амбиент за работа на медиумите, апелираат од ЗНМ.