Зголемена безбедност на новинарите била главната тема на на денешната средба на претставниците на Здружението на новинари на Македонија со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рекол дека институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена работа на новинарите и истакнал дека владата треба да воспостави ефикасен систем за казнување на насилниците. Со тоа, владата ќе испрати јасна порака во јавноста дека насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо.
Селмани побарал од МВР да работи интензивно на расветлување на сите 53 напади против новинари, кои се случиле во изминатите пет години.
Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски потсетил дека меѓу напаѓачите на новинари има и припадници на полицијата, кои во изминатиот период напаѓаа нонинари на протести. Освен тоа, полицајци беа инволвирани и на инцидентите во Собранието од 24 декември 2012 година и упадот на 27 април годинава, кога полицајци физички напаѓале и им се заканувале на новинари.
Било разговарано и за можноста МВР да води посебен регистар за евидентирање на нападите против новинари, а била истакната и потребата за подобрување на комуникацијата на полицијата со новинарите во секојдневната работа.
Министерот Спасовски соопштил дека МВР интензивно работи на расветлување на сите наади против новинари и ветил дека многу скоро ќе излезе со првичен извештај за досегашната истрага за сите случаи. Тој изразил надеж дека во иднина ќе се подобри соработката со обвинтелството, кое е клучен актер во водењето на истрагите.