ЗНМ: Пешевски да даде оставка или да го разрешат поради навреда на новинарка

Здружението на новинарите на Македонија остро гo осудува недоличното однесување на потпретседателот на владата Владимир Пешевски, кој минаната недела после прес конференцијата на која го претставувал извештајот на Дуинг бизнис за Македонија, навредувал новинарка од дневниот весник „Вест“ поради тоа што прашала дали владата размислува да ја покачи старосната граница на 67 години за одење во пензија.

Пешевски иритиран од инсистирањето на новинарката да добие прецизен одговор околу намерата на владата да ја покачи старосната граница за заминување во пензија и се обратил на новинарката со контра прашање: „Дали вие можете да одговорите со да или не ако ве прашам дали твоите дома знаат дека си проститутка“.

„Пешевски, покажува дека нема основно домашо воспитување и политичка култура, која се граничи со  силеџиство и примитивизам. Ваквиот напад не е вперен само кон еден професионален новинар, на кој основна задача е да поставува неријатни прашања за политичарите, туку е напад и врз слободата на медиумите.

Ваквите напади имаат за цел да ги омаловажуваат и заплашуваат новинарите да не бараат отчет од работата на јавните функционери  да ја убијат смислата на улогата на новинарството во демократско општество. Непријатно сме разочарани и од однесувањето на колегите кои биле присутни на настанот и не реагирале на навредите на Пешевски. Апелираме во иднина во слични ситуации новинарите заеднички да реагираат и да покажат поголема солидарност“, реагираат од ЗНМ.

Оттаму велат дека е крајно лицемерно политичарите да бараат од медиумите да изестуваат професионално за изборната кампања кога во исто време физички напаѓаат и навредуваат новинари без да понесат било каква одговорност.

„Бараме вицепремиерот Пешевски кој лани среде бел ден нападна новинар, јавно да се извини на новинарката,  но и да поднесе политичка одговорност. Или сам да поднесе оставка или премиерот Емил Димитириев да го разреши. Го потсетуваме Димитриев дека за слични навреди кон новинарка, спрскиот премиер го разреши министерот за одбрана.

Истовремено ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се огради од однесувањето на нивниот министер и член на најтесното партиско раководство и бараме да не го кандидираат за пратеник на следните избори. Во спротивно, ќе сметаме дека партијата оправдува и дозволува насилство и непримерно однесување кон новинарите“, стои во реакцијата на ЗНМ.