ЗНМ: Осуда за заканите кон новинарите на 1ТВ 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ја осудува, како што велат, вербалната закана за убиство упатена кон новинарите и уредникот на 1ТВ Ацо Кабранов од бизнисменот Зоран Азманов.

Според ЗНМ, овие закани претставуваат брутално кршење на правата на новинарите и обид за цензура во медиумите кои се обидуваат критички да ја опсервираат работата на бизнис заедницата.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Македонија активно да го следат овој инцидент во насока на брза разрешница. Само со строга санкција на нападите и заканите може да се спречи дополнително насилство кон новинарите. Повторно потсетуваме дека доколку граѓаните сметаат дека медиумите известуваат непрофесионално на располагање ги имаат Советот на честа при ЗНМ, како и Советот за етика во медиумите“, соопштува ЗНМ.

Од таму потенцираат дека медиумската саморегулација е најдобриот начин да се заштитат граѓаните од евентуално непрофесионално новинарство и непринципиелна работа на медиумите.