ЗНМ: Осуда за повторните закани и омаловажување на Тозија од Агенција за филм

Здружението на новинари на Македонија повторно алармира за непримерниот однос на директорот на Агенција за филм Горјан Тозија кон новинари.

Од ЗНМ соопштуваат дека новинарката Сунчица Уневска Гвозденович неодамна во Здружението на новинари пријавила закани и омаложувања од страна на директорот на Агенцијата за филм, Тозија, кој на нејзиниот профил на социјалните мрежи и се заканувал дека дека ќе ја тужи за клевета, а потоа и упатил лични дискредитации и навреди поврзани со работата на колешката Уневска.

Како што пренесуваат ЗНМ, Тозија до Уневска упатил порака во која се вели „Смешна си ти со своето незнаење и злоба, да беше во друга држава немаше да ти дозволат да напишеш реченица, ама простотата и злобата ќе се потрудам да ја правдаш пред суд… срам да ти е, излезе долна, злобна, лажливка која одработува од инает и незнаење… за жал немаш веќе време, ќе си останеш така запаметена, штета што некој ти дал право на јавен збор и простор да го злоупотребуваш”.

Оттаму додаваат дека освен погрдните зборови во пораките упатени кон Уневска, Тозија во својата порака алудирал на личните, сериозни здравствени проблеми кои ги има Уневска.

„Ова е скандалозен и низок начин на комуникација од одговорно лице на јавна установа кон новинар. ЗНМ ќе ја извести и Владата на РС Македонија за овој инцидент и ќе побара од надлежните Тозија да сноси политичка одговорност за овој однос со кој се нарушува и угледот на Агенцијата за филм, која тој ја застапува. Минатата недела добивме и пријава од колегите од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК дека Тозија се заканува преку адвокатска канцеларија за три тужби за клевета за претходни текстови на овој медиум поврзани со работата на Агенцијата. Потсетуваме дека лице кое има јавна функција треба да има поголем капацитет за критика, а кога се заканува со тужби кон новинарите тоа се смета како притисок и придонесува за зголемување на самоцензурата“, велат од Здружението на новинари.