ЗНМ: ОЈО треба да ги гони лицата што ги изнеле записниците, а не оние што ги објавиле

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на обвинението покренато за оддавање службена тајна во предистрага против Александар Митовски од порталот „Infomax.mk”, кое, според Здружението, отвора сомнежи за нетранспарентност и селективност.

ОЈО со обвинителниот предлог го терети Митовски за оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик затоа што на 23 август, 2019 година на порталот „Infomax.mk“ е објавена првата страница од записникот за актуелниот случај „Рекет“.

„Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите, туку личноста која имала пристап до службени тајни и истите ги изнела и ги дала на медиум. Дополнително, случајот на којшто се однесува протечениот документ е високо-профилен што уште повеќе треба да го зголеми притисокот врз Обвинителството да ги употреби сите ресурси и службена легална моќ за да открие како се случило протечувањето. Само на овој начин ќе има гаранција дека во иднина ќе се запазува тајноста на истрагите. Доколку Обвинителството настојува на продолжување на обвинителниот акт ќе побараме од Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинителниот предлог со цел да се запре постапката. Ваквите судски прогони дополнително можат да создадат негативен ефект врз слободата на говорот и да поттикнат самоцензура, особено за предмети во кои се обвинети јавни личности за злоупотреба на должност и корупција“, соопштија од ЗНМ.

Здружението истовремено ги потсетува медиумите дека примената на највисоките професионални и етички стандарди се гаранција дека новинарите го штитат јавниот интерес.

„Новинарите мора да се осигураат дека кога се работи со протечени документи кои имаат потенцијал да нанесат штети врз граѓаните и институциите ќе применат современи методи, меѓу кои: проверка на фактите, правни консултации, формирање на етички комисии од редот на новинарите кои треба да утврдат дали она што ќе го откријат изнесените информации е релевантно за јавниот интерес итн“, додаваат од ЗНМ.

Советот за етика во медиумите (СЕММ), само минатата година, против порталот „Infomax.mk” има донесено 3 одлуки за прекршување на професионалните и етичките стандарди и објавување дезинформации. Од ЗНМ укажуваат доследно да се  почитува Новинарскиот кодекс за да се поттикне и оправда довербата на еснафот и пред се граѓаните.