ЗНМ: Новинарот Божиновски е решен да умре ако не биде ослободен од притвор

Притворениот новинар Зоран Божиновски, во случајот „Шпион“, деветти ден штрајкува со глад, информираше претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани. Божиновски за штрајкот ја известил управата на истражниот затвор во Шуто Оризари и судот, а побарал информацијата да се пренесе до неговиот адвокат и Народниот правобранител. Но, Селмани вели дека надлежните тоа не го направиле со намера информацијата да ја скријат од јавноста.

„Ние сме многу загрижени за здравствената состојба на Божиновски, која постојано се влошува, откако во изминатите седум дена одбива да прими храна и вода. За една недела штрај со глад тој ослабел 20 килограми и два пати дневно прима инфузија со цел да се одржи под контрола неговата здравствена состојба. Нашиот адвокат ни пренесе, дека тој е решен да оди до крај – или судијата ќе го ослободи од притвор или ќе умре во затвор. Бидејќи е убеден дека во притвор нема услови да ја подготви неговата одбрана“, пренесе Селмани.

Селмани упати апел до судијката во случајот, да го укине притворот, бидејќи во спротивно ќе таа ќе биде одговорна за последиците по здравјето и животот на новинарот. Тој додаде и дека процесот против Божиновски е политички – со цел да се замолчи еден новинар и да се дисциплинираат другите.

Рикардо Гутиерез, генералниот секретар на Европската федерација на новинари, кој е во посета на Македонија побарал од судот средба со притворениот Божиновски, но не добил никаков одговор на неговото официјално барање.

„Загрижени сме од стратегијата на македонската Влада во врска со затворањето новинари. Кога последен пат го посетив Скопје во затвор беше Томислав Кежаровски, а сега во притвор е новинарот Зоран Божиновски. Европската федерација на новинари ги мониторира овие случаи и вчера го пријавив случајот на Божиновски на официјалната платформа од Советот на Европа за таа намена. Тоа значи дека генералниот секретар на Советот на Европа ќе побара од македонската Влада објаснување за овој случај. Разочаран сум што на 13 април оваа година македонската Влада ја потпиша препораката од Советот на Европа за заштита и сигурноста на новинарите, чија идеја е праксата и законодавството во Македонија да биде усогласено со Европската конвенција за човекови права. Нашата проценка, како професионална организација, е дека праксата овде не е таква – моето прашањето е: што направила македонската Влада како почитување на препораките кои самата ги потпишала“, рече Гутиерез.

Тој информираше дека од април минатата година на платформата на Советот на Европа Европската федерација на новинари пријавила 8 случаи за сериозни загрозувања на новинарските права во Македонија за кои Владата никогаш не дала никакво објаснување.

Зоран Божиновски беше уапсен на 21 април и од тогаш е во притвор. Предметот за новинарот, кој е осомничен за злосторничко здружување, шпионажа и уцени, остана кај Јавното обвинителството, иако Специјалното јавно обвинителсто го презеде под своја надлежност случајот „Шпион“.