ЗНМ: Новинарите да тужат за насилствата во Собранието

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги потсетува новинарите дека во соработка со адвокатската канцеларија „Медарски“ обезбеди бесплатна правна заштита за сите новинари што беа спречени да известуваат од настаните од 27 април годинава во Собрание, кога поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ насилно упаднаа во Парламентот веднаш по изборот на новиот спикер.

„Правна помош од ЗНМ ќе биде понудена на сите новинари што биле физички нападнати или изложени на разни притисоци и закани при извршување на нивните професионални обврски, или пак им била оштетена опремата.  Новинарите што имаат намера да покренат судски постапки за да ги заштитат нивните права, претходно треба да обезбедат медицинска документација за претрпените повреди и стрес. Сите заинтересирани за користење на правната помош треба да го контактираат Здружението на новинарите телефонски или преку мејл со цел побрзо иницирање на постапките пред надлежните судови.

На ваков начин ЗНМ сака да ги охрабри сите новинари да го кренат својот глас против нападите и притисоците на кои се изложени последниот период и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие повеќе нема да го премолчат насилството на кое се изложени. Исто така, судските постапки ќе го зголемат и притисокот врз институциите да ги казнат насилниците на новинарите и со тоа ќе спречат во иднина да се повторуваат вакви напади“, стои во соопштението во ЗНМ.