Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува односот од државниот службеник кон новинарот Африм Јонузи од ТВ21 за време на вчерашната прес- конференција во едно скопско основно училиште.
„Имено, на прес конференција, организирана од Министерот за образование и наука и Градоначалникот на Општина Чаир со Директорот на основното училиште ,’Конгреси и Манастири’ во општината Чаир во Скопје, новинарот Африм Јонузи од ТВ21 бил попречен во извршување на своите професионални задачи да сними инсерти од лицето Шеријат Шаќири кој според кажувањата од колегите е вработен како помлад соработник за оперативна поддршка на процесот на стратешко планирање во Министерството за образование и наука“, соопштува ЗНМ.
ЗНМ контактирало со новинарот на ТВ 21 Африм Јонузи и тој телефонски им изјави: ,,Откако заврши прес конференцијата, јас со камерата сакав да снимам инсерти кои ќе ми послужат во правењето на прилогот за вестите и тогаш лицето Шеријат Шаќири ме спречи во мојата работа, ми посочи дека јас не смеам да снимам, кој сум бил јас да снимам, итн…“ изјави Јонузи.
ЗНМ бара од Министерството за образование и наука да покрене дисциплинска постапка против лицето Шаќири и јавно да се огради од постапките кон медиумските работници на својот вработен.